Македонија
(Видео) Арсовски: Секогаш кога СДСМ е на власт гори документација што укажува на криминал
Пожарот што вчера го зафати Државниот инспекторат за животна средина сосема случајно или крајно сомнително го зафати токму делот каде што се складирани документи и архива од истата институција, односно од Државниот инспекторат за животна средина, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски. Тој праша што содржеле тие документи коишто изгореле и колкава е и каква е штетата на изгорените документи и изгорениот материјал во овој инспекторат.
Арсовски, исто така, јавно праша каков тип документи изгореле и зошто институциите, Владата и државниот инспекторат за животна средина уште молчат за овој пожар.
„Зошто сè уште не е излезен официјален записник во медиумите со целокупната причинета штета, со целокупниот листинг на документи кои што се изгорени? Еве јавно прашуваме, потенцирам јавно прашуваме, би ги повикал тука и медиумите да го истражат случајот, дали е точно дека изгорени се документи и извештаи кои укажувале на злоупотреба на пари од проекти од европските фондови коишто биле складирани токму тука во Државниот инспекторат за животна средина, наменети за оваа институција? Со истите проекти, според нашите информации, еве јавно прашуваме дали располагале лица коишто се членови на СДСМ“, рече Арсовски.
Тој кажа дека и за пожарот во Министерството за правда никој не излегол со заклучок каква штета и каква документација била изгорена.
„И никој, ама баш никој не понесе никаква одговорност за пожарот што се случи најпрвин во Министерството за правда, а веруваме дека ќе биде исто така и сега. Секогаш кога СДСМ е на власт, гори документација што укажува на криминал“, рече Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

