Македонија
(Видео) Арсовски: Шилегов среде рецесија вработува 135 лица
Вчера, мнозинството на СДСМ во Советот на Град Скопје, по предлог на градоначалникот Петре Шилегов, изгласа и одобри 135 вработувања на определено време на директен товар на грбот на граѓаните, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече дека иако имало 19 возачи во Град Скопје, Шилегов вработил уште еден.
„Петре Шилегов, но и Зоран Заев, и на последните избори, како и на изборите пред тоа, ветуваа стручна и за 20 проценти намалена администрација. Дури и ветуваа проект за преземање на вработените од државната администрација во приватниот сектор, но, еве, по изборите гледаме како се вработуваат 135 лица, и тоа директно за потребите на Градот. Тоа се 135 плати за раководители, соработници, советници на Шилегов, што ќе ги плаќаат граѓаните. Еве, дури се нашло и место за личен возач на Шилегов иако Град Скопје, по претходна изјава на самиот Петре Шилегов, имало вработени дури 19 возачи, сега уште еден“, рече Арсовски.
Тој рече дека претходниот личен возач на Шилегов е унапреден во стручен соработник за висока плата во градско претпријатие.
„Замислете, Шилегов на определено време ќе вработи и раководител на одделение за европски интеграции, поточно измислено место во градот за да може Шилегов да додели плата. По потрошените половина милион евра од Шилегов за макети во Зоолошката градина и украсување со лански лампиони, никој не знае колку ќе чини годишно вработувањето на овие 135 лица во Град Скопје, нормално, сите избрани по партиски клуч од СДСМ. Петре Шилегов треба да излезе и да ги објасни потребата и неопходноста од вработување на овие 135 лица на определено време среде корона, среде рецесија и во услови кога 55 илјади лица ги загубија работните места претежно во приватниот сектор“, рече Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

