Македонија
(Фото+видео) Беснеат повеќе активни пожари во Македонија, познато каде е најсложено гасењето
Во текот на денешниот ден досега имаме 17 пожари на отворено и шумски пожари. Од нив, 6 се целосно изгаснати, додека 5 се под контрола, информира директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
„Во моментов имаме 6 активни пожари. Првиот и најсложен пожар за гасење е на територијата на општина Македонски брод, во атарот на селата Тажево и Брезница, пожар којшто беснее повеќе денови. Дождот којшто денеска заврна во мала количина не го изгасна овој пожар и тој продолжува со горење. На ова место делува тимот од 40 лица од Унгарија, со специјални теренски возила, како и 50 припадници на македонската армија, поддржани со воздухоплови.
Вториот е на територијата на Пробиштип, поточно на Осоговски планини кој беснее во атарот на село Зелени Град, каде во овој момент дождот да помогне во активностите, но јас сметам дека врз овој пожар воспоставивме делумна контрола. На ова место дејствувавме со повеќе хеликоптери, колку што можевме максимум да испратиме.
На територијата на општина Демир Хисар, имаме пожар на Илинска планина. Многу непријатен пожар. Во текот на вчерашниот ден дејствувавме со ер-трактори, но се создаваше густ црн чад којшто го отежнуваше летањето и ја загрозуваше нивната безбедност, поради што моравме да прекинеме со гасење од воздух. Во овој момент таму дејствуваат сили од земја.
Кај село Пласница се гаси од земја.
Пожарот во близина на Охрид денеска повторно се реактивираше. Предизвикува вознемиреност кај населението, се движи во насока на Ресен, но не претставува закана по ниту едно населено место. Иако има повеќе од 100 луѓе кои гаснат од земја, поради ветерот се изгуби контролата.
Последниот е на територијата на Долнени, кај Лажани. Гори ниска вегетација и се гаси од земја“, изјави Ангелов.
Од Дирекцијата за заштита и спасување, пак, информираа дека тимовите на ДЗС заедно со 36 пожарникари со 8 возила од Тимот од Унгарија се ангажирани на повеќе локации во село Брезница, Македонски Брод.
Следен пресек на состојбата на пожарите ќе има после 18 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

