Македонија
(Видео) Божиновска: ДКСК да постапи по незаконското поставување на Велковски за секретар на Град Скопје

Огромен скандал е назначувањето на Ѓоко Велковски за секретар на Град Скопје од страна на Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ. Поставувањето на Велковски на оваа позиција е очигледно прекршување на законите, односно спротивно на член 44 од Законот за спречување на корупцијата и судир на интересите. Велковски во исто време е и советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Чаир за што добива месечен надомест од речиси 18.000 денари. Неговата плата во Град Скопје е приближно 50.000 денари, што значи дека Велковски од парите на граѓаните месечно добива околу 68.000 денари, изјави на денешната прес-конференција Лилјана Божиновска, советничка во Советот на Град Скопје.
СДСМ ја повикува Државната комисија за спречување на корупцијата да постапи по ова очигледно прекршување на законите, случајот да биде расчистен, а одговорните да бидат соодветно санкционирани во согласност со законите.
Божиновска истакна дека Велковски мора или да биде разрешен од функцијата секретар на Град Скопје или да го врати советничкиот мандат, а Арсовска мора да одговара за ваквото незаконско и самоволно постапување.
Уште еднаш се докажа дека, освен груба партизација на градската администрација, Арсовска ништо друго не работи.
ВМРО-ДПМНЕ не се менува, продолжува со истата режимска матрица, продолжува да ги прекршува законите и да работи на штета на граѓаните, изјави Божиновска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло, попладне пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и топло, со мала до умерена облачност. Во попладневните и во вечерните часови на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветар, наместа со услови за појава на невреме.
Утринските температури ќе биде во интервал од 13 до 21 степен, а дневните ќе достигнат од 29 до 37 степени.
Во Скопје претпладне времето ќе биде сончево, со мала до умерена облачност. Попладне, во делови од котлината, ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветар. Утринската температура ќе биде до 19-от степен, додека дневната ќе достигне до 33 степени.
Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека денеска на повеќе места ќе има нестабилно време, а во северните делови ќе има пад на температурата за околу три степени.
Во четврток ќе има преодно стабилизирање на времето. Под влијание на нов влажен бран во петок и во сабота ќе биде нестабилно, со обилни врнежи од дожд на повеќе места и значителен пад на температурата.
Македонија
Поврдени 47 полицајци, а приведени 11 демонстранти во вчерашните протести

Повредени 47 полициски службеници, од кои 11 со потешки, а двајца со сериозни повреди во вечерашниот јавен собир на подрачјето на СВР Скопје, кој се одржа во периодот од 19.00 часот пред Владата, продолжи пред Министерството за надворешни работи и заврши пред Собранието околу 22.30 часот. На сите повредени полициски службеници им е укажана лекарска помош, а потешко повредените се пренесени во медицинските установи за санирање на повредите и медицинска нега, соопшти МВР.
Констатирани се повеќе нарушувања на јавниот ред и мир од страна на демонстрантите, кои фрлаа со камења, јајца, железни предмети, бекатон плочки, молотови коктели, сообраќајни знаци, канти за ѓубре и пиротехнички средства, како кон објектите, така и кон полициските службеници кои вршеа службени дејства обезбедувајќи ги државните институции.
За време на вечерашниот протест оштетувања на прозорците и фасадите се пријавени во сите три објекти: Владата, МНР и Собранието. Покрај ова, демонстрантите скршиле 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, а оштетена е полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило.
Во врска со немирите кои ескалираа пред објектот на Собранието, од страна на полициските службеници приведени се 11 лица, а за време на протестите од страна на полицијата не беа употребени ни пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата.
МВР презема мерки за расчистување на случајот и апелира до организаторите на протестите и до граѓаните да покажат демократски капацитет, протестите да бидат мирни и демократски, да ги сочуваме редот, мирот и безбедноста. Преку насилство кон оние коишто го одржуваат редот, кон македонската полиција и објектите на институциите, не се постигнува ништо; дијалогот треба да се води во институциите на системот, додаваат од МВР.
Македонија
СДСМ: Насилството на антиевропската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица ја покажува нивната вистинска цел

Вечерва граѓаните беа сведоци на нови инциденти и насилство на протестите организирани од ВМРО-ДПМНЕ и проруската инсталација Русија пред Собранието; соопшти СДСМ.
„ Повторно бевме сведоци како насилници со качулки ги нападнаа полицајците, фрлаа запаливи течности, ги каменуваа припадниците на македонската полиција и се обидоа насила да влезат во Собранието. Вакви слични сцени гледавме на црниот 27 ми април и знаеме што тоа значи.
Првичните информации се дека има и повредени неколку припадници на полицијата. СДСМ најостро го осудува насилството, овој насилен начин на делување на ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица го покажува нивното вистинско деструктивно и насилно лице.
Протестот е загарантирано право но насилството е кривично дело и одговорност за ова мора да понесат сите инволвирани. ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица сакаат да ја дестабилизираат државата, да и наштетат и со тоа да одработат на центри на моќ кои не и мислат добро на нашата земја и на нашиот народ и не сакаат земјата да биде дел од Европската уника.
СДСМ, институциите, заедно со граѓаните, нема да дозволиме насилничкото однесување и сценаријата на ВМРО-ДПМНЕ и Левица да ја загрози државата. Нека не се обидуваат да го повторат упадот од 27 април. Тоа нема да го дозволиме“ порачаа од владејачката партија.