Македонија
(Видео) Василевска: ДКСК да отвори постапка и да ја запре исплатата на половина милион евра кон НВО
„Власта на СДСМ префрла половина милион евра во ек на изборна кампања на НВО, а Државната комисија за спречување на корупцијата молчи. СДСМ најпрвин ја злоупотреби вонредната состојба и во брза постапка ги распредели средствата на НВО која е блиска до нив. За една недела распиша оглас, изврши евалуација и додели над половина милион евра, изјави Иванка Василевска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, ДКСК не најде дека е потребно да реагира и да види како тоа за 48 часа, колку што изнесуваше рокот за евалуација и избор на проектите, Комисијата, која одлучувала за распределување на средствата, да прочита над 550 проекти, со над 5.500 пишани страници материјал.
„И дали ваквата ‘брзина’ во избор не ги заинтересира дали зад тоа не се крие веќе однапред договорена работа кој и колку средства треба да добие? Имено, само за потсетување на ДКСК, уште еднаш ќе ги повторам фактите од случајот, распределба на половина милион евра народни пари за изборен поткуп преку НВО. Власта распишаа оглас на 6.6.2020 година, кој траеше нецели 5 дена, односно до 11.6.2020 година до 12 часот, и беше со скратена документација за потоа во рок од само 48 часа, време што го имаа за да разгледаат 550 проекти и над 5.500 страници материјал, да изберат само 40 НВО, кои добија грант.
Откако ја злоупотребија вонредната состојба, сега го злоупотребуваат и процесот на изборите. Имено, на 1.7.2020 година противзаконски во тек на официјална кампања на невладините организации им се префрлаат парите од огласот. Затоа денес поднесовме приговор до ДКСК да постапи за прекршување на член 8-а од Изборниот законик и член 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите. Ја повикуваме ДКСК веднаш да реагира во однос на приговорот. Јавно ја повикуваме да ја суспендира постапката за доделување средства на граѓански организации во период во кој изборната кампања е во полн ек, а воедно и да почне истрага за целокупната постапка за доделување грантови, започнувајќи од содветноста и законитоста на објавувањето на повикот, па завршувајќи со одлуките на владината комисија, која одлучувала која организација ќе добие грант. СДСМ ја тоне државата. СДСМ покажа дека може единствено повеќе криминал, може повеќе корупција и може само порази. Да ставиме крај на виткањето на грбот. Исправи се, Македонијо! Обновата доаѓа“, додаде таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанев се обрати пред Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ, Лукас Филип избран за нов претседател
По четири дена интензивни, продуктивни и содржајни дискусии за клучните прашања од меѓународната полициска соработка, денес во Маракеш, Мароко, заврши 93. сесија на Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ. На овој највисок форум на Организацијата беа избрани нови членови на Извршниот комитет, меѓу кои и францускиот претставник Лукас Филип, кој ја презема функцијата претседател на ИНТЕРПОЛ, соопшти МВР.
„Директорот на БЈБ, Александар Јанев, се обрати пред Генералното собрание, со што уште еднаш се потврди силната позиција на македонската полиција во рамките на глобалната безбедносна соработка – како стабилен, доверлив и активен партнер на сите 196 земји членки во справувањето со транснационалниот криминал и современите безбедносни предизвици“, се наведува во соопштението.
Во рамки на сесијата беа усвоени повеќе значајни резолуции, меѓу кои и оние поврзани со промовирањето на ратификацијата на Конвенцијата на ООН за борба против сајбер-криминалот, зајакнувањето на регионалното присуство и оперативниот капацитет на ИНТЕРПОЛ, заедничкиот одговор за сузбивање на центрите за онлајн измами, финансискиот извештај за 2026 година, како и стратешката рамка и програмата за активности за периодот 2026–2030.
Македонија
(Фото) Свлечиште во Шипковица, во опасност четири куќи
Поради обилните врнежи на дожд кои го зафатија западниот регион, преку единствениот број за итни повици 112 е добиена пријава за настанато свлечиште во селото Шипковица.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека свлечиштето е во населено место кое претставува опасност за жителите, каде што директно се загрозени четири куќи.
Активиран е Кризниот штаб на Општина Тетово, а на терен се излезени лица од ЦУК, СВР Тетово и Градежен инспекторат од Општина Тетово.
„Во моментот се превземаат мерки и се дадени насоки на месното население да го напуштат живеалиштето поради опасност од појавување на нови свлечишта“, информира ЦУК.
Исто така, на територијата на Општина Штип евидентирани се одрони на камења на патниот правец Делчево – Истибања каде што екипи на ЈП Македонија пат редовно интервенираат и нема застои во сообраќајот.
Одроните на патот кон с.Моштица во Општина Македонска Каменица, од страна на екипи на ЈП Камена река е извршено чистење на одронот и сообраќајот на тој патен правец се одвива редовно.
Македонија
Битиќи: На крај на годината во буџетската каса фалат една милијарда евра
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фатмир Битиќи, предупреди дека фискалните показатели објавени на 25 ноември откриваат сериозен јаз во приходната реализација на Буџетот.
Наместо планираната динамика, рече тој, државата досега наплатила близу 299 милијарди денари, што е само 82,32% од годишниот план, оставајќи дупка од над 64 милијарди денари или 1,04 милијарди евра, средства кои треба да се обезбедат до 31 декември годинава.
Во прашањето уaптено до заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски , пратеникот Битиќи праша по кои ставки, во кои износи и од кои извори ќе се обезбедат приближно 64,07 милијарди денари (околу 1,04 милијарди евра) за целосна приходна реализација до 31.12.2025 година, дали со дополнително задолжување и на кои финансиски пазари, дали со вонредни и еднократни приходи и дали може јавно да се гарантира дека заради „буџетско затворање“ на годината нема да се доцни со поврат на ДДВ, нема да се создаваат нови доспеани, а неплатени обврски кон фирмите и нема дополнително да се кратат капиталните расходи.
„Евидентно е дека приходната страна на Буџетот не ја следи сопствената проекција и од ден во ден, како се приближува крајот на годината, расте ризикот или потребата од ново задолжување, одложување на финансиски обврски кон стопанството и граѓаните, селективни доцнења на поврат на ДДВ. Заклучно со 31.10.2025 даночните приходи и придонесите се реализирани со 78,61% од планираното (од 250,922 милијарди денари), што значи дека во последните два месеци од годината треба да се „надомести“ повеќе од една петтина од целата годишна наплата, амбиција која историски ретко е остварлива без вонредни мерки. Подсекторскиот пресек е уште поалармантен. Оваа приходна конфигурација на Буџетот зборува за тоа дека е производ на преценета наплата, потценети ризици и затворен процес на планирање кој ја оддалечува фискалната политика од развојните цели“, образложи Битиќи.

