Македонија
(Видео) Владата објави кои лица нема да бидат опфатени со полицискиот час

Портпаролот на Владата, Душко Арсовски, на денешната прес-конференција информира за повеќе детали во врска со полицискиот час, кој стапува во сила од утре (10 март) и ќе важи до 22 овој месец во периодот од 22 до 5 часот наредниот ден.
Арсовски нагласи дека одлуката за забрана за движење нема да важи за патниците што доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми и за патниците во меѓународниот превоз на патници.
„За време на полицискиот час како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските билети. За транспортерите на лица и стока што транспортот го спроведуваат за време на забраната за движење, како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, а транспортерите што транзитираат ќе имаат обврска најмногу за 3 часа да ја напуштат земјата од еден на друг граничен премин“, објасни портпаролот.
Надлежните служби на граничните премини ќе ги пропуштат патниците што со сопствени возила ја напуштиле земјата пред воведувањето полициски час, при што ќе се спроведуваат и досега активните мерки за задолжителен ПЦР-тест за оние што доаѓаат од земји за кои оваа постапка е задолжителна.
Арсовски посочи дека Министерството за информатичко општество е задолжено да објави соопштение со кое ќе ги извести граѓаните и економските оператори дека се обновува важноста на веќе издадените дозволи од претходните одлуки за забрана на движење.
„Потврдите издадени минатата година преку порталот uslugi.gov.mk за правните лица остануваат да важат. Доколку има потреба од нови дозволи за движење, за државни институции, за вработени што досега немале вакви дозволи, ќе бидат издавани преку овој портал“, соопшти владиниот портпарол додавајќи дека Министерството ќе им ги преиздаде решенијата за слободно движење на оние што во меѓувреме ги загубиле, како и на оние што имаат дополнителни барања.
Отстапки од забраната ќе има и за сите граѓани што за време на полицискиот час имаат потреба од итна медицинска помош и за слободно движење оваа потреба ќе треба да ја најават на службата 192, на телефонот на Министерството за внатрешни работи, при што ќе ги дадат потребните лични податоци за себе и за оној што ќе ги придружува притоа информирајќи за линијата на движење.
Дополнителните исклучоци во однос на забраната и посебниот режим на движење на населението и возилата, доколку има потреба, ќе ги утврдува Главниот координативен кризен штаб, во соработка со надлежните органи на државната управа.
Aрсовски на прес-конференцијата потсети и на одлуката за 14-дневен карантин за сите патници што доаѓаат во земјата од Африка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утрото ведро и посвежо, преку денот сончево со температура до 32 степена

Утрото ведро и посвежо, преку денот сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 14, а максималната ќе достигне од 27 до 32 степена.
Во Скопје, наутро посвежо, преку денот сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Во вторник и среда ќе се задржи претежно сончево и топло време за овој период од годината. Од четврток ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Дневната температура ќе биде во опаѓање.
Македонија
ЦУК: Спасувачка акција на повредено лице при превртување на теренско возило на планинскиот пат над село Јеловце

Центарот за управување со кризи денеска попладне добил пријава за едно повредено лице при превртување на теренско возило на планинскиот пат над село Јеловце, општина Врапчиште.
Веднаш за настанот биле известени полициските станици Гостивар и Галате.
„Пријавата е добиена преку Едиствениот број за итни повици. Бидејќи теренот е тешко пристапен за возило на Итна медицинска помош, по барање на директорот на ЦУК, Мухамед Али, ДОЦ достави барање до Министерството за внатрешни работи за ангажирање на хеликоптер и специјални единици (алпинисти) за спасување на повреденото лице“, информираат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека лицето ќе биде транспортирaно до Клинички центар за укажување на понатамошна медицинска помош.
Македонија
Андоновски: Македонија прва од регионот ќе ги исполни условите за „роаминг како дома“

Земјите од Западен балкан на претстојниот Дигитален самит кој ќе се одржи на 1 и 2 октомври во Скопје ќе усвојат заедничка изјава со повик кон Европската Унија да се забрза процесот „роаминг како дома“ и нула трошоци за интернет за нашите граѓани во ЕУ.
Унијата пред еден месец излезе со патоказ што треба да го исполниме како држави за да пристапиме кон оваа зона, но потребна е активност и од нејзина страна.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, вели дека Македонија ќе ги заврши своите обврски до декември годинава и очекува наредната година први да го потпишеме договорот за роаминг со нула трошоци за македонските граѓани.
„Главна беше измената на Законот за електронски комуникации за исполнување на клучните регулативи и директиви на ЕУ што ние веќе го направивме летово. Остануваат уште неколу подзаконски акти што треба да ги завршиме до крајот на годинава и со тоа ќе ги исполниме условите. Во напредна фаза сме, го изработивме нашиот Акциски план и мислам дека ќе бидеме први од регионот“, кажа Андоновски.