Македонија
(Видео) Во Македонија секој има уво и пее како славејче, рече Бора Чорба пред еден од неговите настапи во Скопје
Веста за смртта на легендарниот пејач на „Рибља чорба“, Бора Ѓорѓевиќ, која одекна утрово, растажи голем број негови обожаватели и во Македонија, каде што тој често гостуваше со својот бенд.
Бора во Скопје последен пат настапи во април на концертот на Жељко Самарџиќ во салата „Борис Трајковски“. Тој лани имаше и турнеја во Македонија, при што истакна дека концертот во Охрид во јули му останал во најубаво сеќавање. Тогаш тој симболично, изведувајќи ја на свој начин „Билјана платно белеше“, ги повика обожавателите да го проследат настапот.
Гостуваше во Македонија и непосредно по пандемијата на Ковидот кога откри дека со колегите од бендот се многу среќни што ја отвораат сезоната на на концерти токму во Скопје.
„Отсекогаш сме се радувале на свирките во Македонија затоа што Македонците знаат да почитуваат добар рокенрол и затоа што секој има уво и пее како славејче“, рече тогаш фронтменот на групата.
Бора Ѓорѓевиќ беше автор и на текстот на песната „Малечка“ на Тоше Проески, а соработуваше и со голем број балкански музички ѕвезди.
Бендот „Рибља чорба“ е основан 1978 година и важи за еден од најзначајните рок-бендови, а Бора стана еден од најконтроверзните музичари во Југославија поради неговите провокативни и социјално ориентирани текстови. За кратко време групата стекна голема популарност, која трае до ден-денес и со која растеа повеќе генерации. Ѕвездите од естрадата на поранешните ексју-простори се збогуваат со него преку социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

