Македонија
(Видео) Во полициска акција во Куманово и Скопје разбиена терористичка ќелија под влијание на ИСИС
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за истрага против три лица осомничени дека во земјава формирале терористичка ќелија под влијание на идеологијата на Исламска држава (ИСИС). Со тоа тие сториле кривично дело терористичка организација и тероризам.
Осомничените претходно веќе издржувале затворски казни поради учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации. Станува збор за Б.А. (28) од Куманово, кој престојувал во Скопје и кумановците В.А. (22) и Е.Љ. (25).
Првоосомничениот во текот на минатата година создал терористичка организација со основи на идеолошка матрица на терористичката организација ИСИС, на која подоцна се приклучиле други лица меѓу кои и двајцата осомничени. Обезбедувајќи финансиски средства организаторот купувал оружје, муниција и воена опрема, а припадниците биле во улога на логистичка поддршка.
Воената опрема ја складирале во близина на локалниот пат меѓу селата Биљановце и Пчиња кај местото познато како Менкова Колиба. Таму полицијата пронашла: пет автоматски пушки, пушкомитралез, 18 рамки за автоматска пушка со по 30 куршуми, рамка со 15 куршуми, три дрвени кундаци, дрвен кундак со механизам за испалување, три гранати за рачен фрлач со напис RD 40 милиметри, пет запалки за гранати за рачен фрлач со осигурачи, две маскирни капи, две поткапи црна и сива боја, два пара маскирни ракавици, два тактички елеци, четири тактички елеци со маскирна боја, знаме со испишани арапски букви (ИСИС), како и марама со испишани арапски букви.

Како резултат на добиени оперативни сознанија, по неколкумесечна меѓусебна соработка, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал со поддршка на Одделот за специјални полициски операции при МВР, во текот на вчерашниот ден спроведоа полициска акција на четири локации – три во Куманово и една во Скопје.
При извршените претреси во дом и други простории кај осомничените е запленето поголемо количество оружје: два појаса рачно изработени, исполнети со експлозив, метални кугли (лагери) монтирани на картонска подлога и две запалки од рачна бомба за активирање на појасите, две направи со жици од разна дебелина, две радиостаници, осигурач за експлозивна направа, лап-топ компјутер, девет мобилни телефони, пет СИМ картички, електронски уред со објектив, две USB-а, футрола за пиштол, маскирна облека, два ножа, две футроли за ножеви… Тројцата осомничени се уаспесни за време на акцијата.

Осомничените ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје. Надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка ќе достави предлог за определување на притвор за трите осомничени лица.

Обвинителството издаде наредби за вештачење на пронајдените предмети, а се преземаат и други дејствија во насока на расветлување на случајот.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

