Македонија
(Видео) Голема акција во Битола и Ресен, запленети 780 килограми тутун, три лица ќе одговараат кривично
Секторот за контрола и истраги при Царинска управа спроведе поголема акција во Битола и Ресен во која се запленети 780 килограми режан тутун со вкупна вредност од 3,4 милиони денари. Во акцијата се извршени претреси на домови и помошни простории, а извршени се и контроли на градските пазари. Тројца сторители ќе одговараат кривично, а до едно лице ќе биде поднесена прекршочна пријава. Во предистражната постапка од овие дела е утврдена директна штета врз Буџетот во висина од 2,8 милиони денари, соопшти Царинската управа.
Имено, на ден 13.12.2024 година по издадена Наредба за вршење претрес на дом и други помошни простории од основен суд во Ресен, инспектори од Секторот за контрола и истраги извршија претрес на помошни простории што се користеле како дуќан од страна на лицето С.Т. од Ресен. При извршениот претрес пронајдени се околу 259 килограми режан тутун. Извршени се и контроли на градскиот пазар при што од лицето Р.Н. од Ресен одземени се 100 килограми режан тутун.
Истиот ден по издадена Наредба за вршење претрес на дом и други помошни простории од основен суд во Битола извршен е претрес на помошни простории што се користеле како гаражи од страна на лицето Ѓ. К. при што се пронајдени околу 283 килограми режан тутун. Дополнително при контроли на градскиот пазар во Битола, од истото лице се одземени уште 88 килограми режан тутун, како и дополнителни 49 килограми режан тутун од лицето Т.Н., извести Царинската управа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски свесно направи конфузија за Ковачевски – мора да се почитува пресумција на невиност, оценуваат од СДСМ
Сакам да изразам крајно разочарување од тоа каква конфузија се направи во јавноста во однос на екс премиерот Ковачевски кој беше осуден од јавноста и медиумите, додека во реалноста Јавното Обивинителство се уште нема оформено предмет. Според она што досега го дознавме од ЈО се уште нема постапка туку само кривична пријава која допрва ќе видиме дали е основана. Според ЈО станува збор за сосема друг период и друг случај кој очигледно е различен од овој на Груби и Бајрами. Тошковски со своите изјави очигледно намерно се обиде да го вметне и Ковачевски со Груби и Бајрами во истиот предмет. Тоа е она што го прави ВМРО-ДПМНЕ, политичко етикетирање преку институциите на прогонот, истакна на прес-конференција Мартин Костоски од СДСМ.
„Но ова не треба да не чуди затоа што ВМРО-ДПМНЕ подготвува терен за политички реаншизам од првиот ден. Се врши страшна партизација на клучните безбедносни и правосудни институции. За само шест месеци имаме целосно поклопување и преземање на АНБ, масовна партизација во полицијата и назначување на партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ во независниот граѓански надзор на комуникациите. Имаме поставување на судија во судскиот совет која е сопруга на градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и уште еден кој е братучед на Изет Меџити. Ова јасно укажува дека ВМРО-ДПМНЕ со оваа партизација ќе води и партиски истраги и хајки против поранешни функционери“, оценува Костоски.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, како што рече, јасно и принципиелно кажа дека ги поддржува сите независни и професионални истраги против било кои поранешни и сегашни функционери.
„Бараме надлежните институции да ги извршат своите обврски непристрасно и темелно, со што ќе се открие вистината. Потсетуваме дека секој функционер, без разлика на својата позиција или партиска припадност, има право на правична постапка и се смета за невин сè додека не се докаже спротивното. Секој обид за политизација или предвремена јавна осуда за лицата опфатени во истрагите ги поткопува принципите на правдата и одговорноста. Ги повикуваме сите засегнати страни, вклучително и медиумите, да го почитуваат истражниот процес и пресумпцијата на невиност“, истакна Костоски.
Македонија
Апликациите за субвенции се обработуваат со забрзана динамика се со цел земјоделците и сточарите да имаат доволно средства во ек на сезоната, велат од МЗШВ
Извршени се директни плаќања во износ од 32.732.971,00 денари за производен и продаден домашен сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација за житни, фуражни, индустриски, градинарски култури. Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства запишани во Регистарот на снабдувачи на семенски материјал кои имаат производен и продаден семенски материјал во 2023 година или користен за сопствени потреби согласно Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија и имаат добиено сертификат за конечно сертифицирано семе, информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Исплатени се 7.781.950,00 денари за производство на предосновен и основен семенски материјал за житни култури исто така се исплатени. Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства запишани во Регистарот на снабдувачи на семенски материјал кои имаат производен и продаден предосновен и основен семенски материјал за житни култури во 2023 година согласно Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија.
Апликациите за субвенции се обработуваат со забрзана динамика се со цел земјоделците и сточарите да имаат доволно средства во ек на сезоната и пред почетокот на сеидбата, додаваат од МЗШВ.
Македонија
(Видео) ДУИ да каже дали го поддржува бегството на криминалецот Груби, прашува Лефков
„ДУИ и СДС да го осудат бегството на криминалецот од црната листа на САД, Груби, и да го повикаат да се врати. ДУИ треба јавно да каже дали го поддржува бегството на криминалецот од црната листа на САД, Груби“, прашува Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС како верен соизвршител исто така треба да кажат дали го поддржуваат бегството на Груби?
Срамно е како Груби се обидува да се пазари со судот дали да оди во притвор или не. И покрај тоа што е свесен за криминалите кои ги направил, и покрај тоа што е препознаен меѓународно како корумпиран и криминалец, тој сепак сака да се пазари со правдата.
Очигледно е дека Груби нема ниту грам морал, ниту одговорност, кога избега наместо да се соочи со аргументите пред суд.
ДУИ и СДС кои глумеа европејци, сега молчат за бегството на Груби и наместо да го повикаат да се врати се кријат.
Доколку ДУИ и СДС одмолчат, тогаш станува јасно дека го поддржуваат Груби во бегството“, соопшти Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.