Македонија
(Видео) Граѓани со часови се заглавени во подземниот паркинг на ГТЦ оти автоматите за наплата не работат, а службите се отстутни

Вистински хаос се случува попладнево во подземниот паркинг на ГТЦ. Вознемирени граѓани кои се обратија до нашата редакција велат дека два часа се „заробени“ на паркингот, откако паркоматите престанале да работат, а службата за наплата била отсутна.
На шалтерите каде досега рачно се плаќаше паркингот, сега има залепено листови на кои пишува дека наплатата се извршува на автоматите.
Но, граѓаните кои се таму велат дека работел само еден автомат, но бил многу бавен, па се создала целата колона.
Дел од граѓаните се со мали деца, дел, пак, коментирале дека брзаат за на аеродром и ќе го испуштат летот.
Како што ни рекоа сведоци, по некое време рампите биле кренати и сега возилата излегуваат бесплатно. Тоа, сепак, ќе потрае со оглед на тоа што има голем број возила внатре на паркингот, а надвор има семафор.
Од ГТЦ сè уште нема официјално соопштение за причините за дефектот.
Лани во февруари поскапе паркирањето во ГТЦ и наместо 50, чини 70 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ќе се вработуваат 400 пожарникари за превенција од шумските пожари во летниот период

За справување со пожарите во летниот период, Владата со Оперативниот план за 2025 година предвидува вработување на 400 пожарникари.
Со оваа мерка, како што објаснуваат од Владата, сакаат да постигнат навремена и брза реакција на спречување на пожарите кои се најприсутни во летниот период.
„Пожарникарите даваат натчовечки напори за борба со огнената стихија, ризикувајќи ги сопствените животи за да спасат други човечки животи, животната средина и други материјални добра. И токму затоа сè со цел превенција од шумските пожари овие 400 лица ќе се вработат во општините каде што има најмногу потреба“, се вели во соопштението на владината прес-служба.
Воедно, Оперативниот план за вработување за 2025 опфаќа и вработување на 600 невработени лица кои ќе бидат ангажирани за јавни работи и општински проекти од инфраструктура и заштита на животната средина на локално ниво.
Македонија
Филипче најави санкции во партијата: дел од советниците за лични интереси соработувале со градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави внатрепартиски промени во начинот на избор на кандидати за градоначалници и за советници на следните локални избори.
„Ќе предложам советниците да ротираат, односно да имаат мандат од две години, а потоа следните од листата да влезат во советот. Така ќе им дадеме шанса на двојно повеќе наши другари и другарки да бидат советници во рамки на четиригодишниот мандат. Тоа е фер и дава можност за поголема вклученост“, изјави Филипче на состанок со Општинската организација на СДСМ Аеродром.
Тој најави и нов кодекс на однесување којшто ќе мора да го потпишат сите советници:
„Дел од досегашните советници не си ја вршеа добро работата, дел соработуваа со градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ ама само за лични интереси. Тоа повеќе нема да се дозволи. Ќе има санкции за прекршување на кодексот“.
Во однос на изборот на кандидати, претседателот на СДСМ порача дека ќе го поддржи секое решение што ќе дојде од базата.
„Вие во општинските организации најдобро знаете кој има капацитети и доверба кај граѓаните. Не сакам да наметнувам, туку да слушам“, рече претседателот Венко Филипче вечерва во Аеродром.
Филипче се осврна и на актуелната локална власт во Аеродром, истакнувајќи: „Се чудам како ВМРО-ДПМНЕ повторно го предлага актуелниот градоначалник на Аеродром. Полош градоначалник, според мене, Аеродром никогаш немал“.
Македонија
СДСМ: Зошто во случајот со директорот на АНБ не е постапено како со двете директорки на училишта

СДСМ обвинува за селективност во одлуката за отфрлање на кривичната пријава против директорот на АНБ, Бојан Христовски. Од партијата утрово велат дека Јавното обвинителство се ставило во улога на алатака во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.
„Наместо независен огран ослободен од политиката, да го брани јавниот интерес и владеењето на правото гледаме скандалозно селективни постапки за перење на Христовски и незаконското назначување за директор на АНБ.
Зошто обвинителството не е побарало официјален одговор директно од ETS – Educational Testing Service, институцијата што ги издава ТОЕФЛ сертификатите?
Зошто не е постапено идентично како со двете директорки на училишта и со директорката на болница во Дебар, кои беа гонети и осудени затоа што користеле фалсификувани ТОЕФЛ сертификати добиени од исто место како Христовски – јазичното студио „Јулија“?
Во сите овие случаи, обезбедени се докази директно од ЕТS и тоа за многу кратко време. Зошто сега, кога станува збор за Христовски, партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ е целосно игнориран ETS од страна на Обвинителството?
Оваа скандалозна одлука не само што ја руши довербата во институциите, туку и потврдува дека сѐ уште живее духот на тефтерчињата од времето на Груевски.
Со ВМРО-ДПМНЕ на власт, нема и не може да има правда“, се вели во соопштението на СДСМ.