Македонија
(Видео) Детска забава во кабинетот на Артан Груби

По повод Меѓународниот ден на децата, кабинетот на првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби денеска беше преплавен од група на деца, кои во службените простории го прославија овој ден.
„Денеска, на 1 јуни, Денот на детето, мојата канцеларија ја исполнија токму тие. Забава, едукација, состаноци, задачи…Иднината им припаѓа на младите генерации“, напиша Груби на „Фејсбук“.
Меѓународниот ден на детето, прогласен од УНИЦЕФ во 1925 година на Светската конференција за благосостојба на децата, одржана во Женева, Швајцарија, традиционално се одбележува во многу земји во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Владата платила 6,5 милиони евра казна за неискористен кредит, тоа покажува колку се некадарни

Ковачевски пред неколку недели говореше за изградба на пругата кон Бугарија, а пропуштил да каже дека поради неспособноста на неговата влада, Македонија ќе плати 6,5 милиони евра казна за нереализирани средства поради неискористување на заем за изградба на пругата Бељаковци – Крива Паланка, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Или не му кажале на Ковачевски каква штета е направена или тој не разбрал. Имале одобрени средства на располагање, а не ги искористиле нешто да направат за својот народ и својата држава и тоа доволно говори за отсуството на капацитет, кадарност и одговорност на оваа власт. Веројатно владата на Ковачевски може да конкурира за најштетна влада во светот, да позајмиш пари, да не изградиш ништо и згора на се да платиш камати и казни во износ од 6,5 милиони евра! А со тие пари можеше да се изгради училиште, детски градинки, патишта, канализации и други проекти“, се посочува во нивната реакција.
За ваквата штета по буџетот, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, треба да понесе одговорност или Ковачевски, или Бочварски како ресорен министер или друг надлежен за реализацијата на овој проекти и овој кредит.
„За жал, на владата на Ковачевски и СДСМ три нацртани овци да им дадеш да ти чуваат, една ќе изгубат, една ќе украдат, а третата ако имаш среќа ќе си ја вратиш“, се додава во дописот од оваа партија.
Потсетуваат, како што велат, дека владата на СДСМ изгуби 14 милиони евра од Европската банка за изградба на штипската болница, кои беа стопирани како казна за тоа што ништо не се градело цели 4 години.
„И сега поради СДСМ нема нова штипска болница, која требаше да биде капитален објект во здравството. Оваа штетност и криминогеност на власта на СДСМ е епска. Што поскоро падне оваа власт толку подобро за Македонија. Затоа е потребно соочување со народот, за да се соочат со казната за сите штетни и неодговорни политики“, се дополнува во писмената реакција од партијата на Мицкоски.
Македонија
На Табановце и Пелинце се чека околу еден час на Богородица околу 40 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
На ГП Богородица времето на чекање за излез од државата е околу 40 минути.
На ГП Табановце и ГП Пелинце се чека околу 1 часа за влез и излез од државата. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 09.08.2022 до 20.08.2022 на патниот правец раскрсница Маврово – Галичник Р- 2238 поради изведување градежни работи (асфалтирање) сообраќајот е во прекин помеѓу 10:00 и 16:00 часот. Работите се изведуваат само во работни денови.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица е отворен за сообраќај до 01.10.2022 за возила со вкупна маса до 3,5 тони.
Македонија
Променливо облачно и свежо, на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Денеска се очекува променливо облачно и свежо време, на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Локално ќе има појава на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер, електрични празнења и услови за појава на град.
На места ќе наврне поголема количина на воден талог. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 21 до 28 степени. УВ=6
Во Скопје променливо облачно со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер, во делови од котлината со пообилни врнежи. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Од понеделник ќе настапи постепено стабилизирање на времето со брз пораст на дневните температури.