Македонија
(Видео) Димитров: Како што се борев за нашата европска иднина, така сега ќе се борам за правна држава
Јас лично ви ветувам дека битката со криминалот и корупцијата ќе биде следната голема битка. На патот по кој одиме одговорноста е суштина, порача во видеообраќање носителот во изборната единица 1 од коалицијата „Можеме“, Никола Димитров.
„Нема доволно правда. И ако ме прашате дали сум и jас разочаран, апсолутно сум. Но, да кренам раце, на краj памет не ми доаѓа. Во мојот ресор ја оставив душата. Таа огромна планина ја искачивме, постигнавме децениски цели, влеговме во НАТО и на чекор сме од почеток на пристапни преговори со ЕУ, во фаза сме кога се разговара за таа динамика и се усвојува преговарачката рамка“, посочи Димитров.
Тој воедно упати ветување дека со истата жар и енергија што ги вложил во евро-атлантскиот интегративен процес, во наредниот мандат ќе се вложи за да има правда во државата.
„Сакам да ве повикам, сите коишто се мислите дали да сте дома и дали да излезете на 15 jули и да гласате. Сакам да ве повикам да излезете. Имаме огромна шанса како нација, имаме Закон за Јавно обвинителство што овозможи истрагите и случаите да не застарат, да не се пикнат под килим и го имаме огромниот рефлектор што ни го носи пристапниот процес со Европската Унија. Мораме да ја искористиме оваа шанса, бидејќи следна нема да имаме“, посочи носителот во изборната единица 1 од коалицијата „Можеме“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

