Македонија
(Видео) Димитров: Соседите мора да бидат свесни дека ќе имаме заеднички успех или заеднички дебакл

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров на денешната прес-конференција по повод мандатното писмо за мисијата и задачите на Секретаријатот за европски прашања (СЕП), порача дека како вршител на функцијата ќе даде се’ од себе за Северна Македонија да стане просперитетна европска демократија во која ќе владее правото, со која сите ќе се гордееме.
„Ќе треба да разбиеме низа предрасуди, да ги внесеме современите европски вредности во нашето секојдневие и нив да ги практикуваме. Не само на зборови, туку и со дела, со видливи резултати за секој граѓанин да препознае дека се менуваме, со понуда за иднина за секој млад човек“, нагласи Димитров.
Објаснувајќи го процесот на пристапните преговори со Европската Унија, тој се осврна на неколку клучни столбови како новата Методологија, ИПА 3 и Економско-инвестицискиот план.
„Новата Методологија за преговори, новата генерација на претпристапна помош ИПА 3 и неодамна објавениот Економско-инвестициски план – 9 милијарди евра грантови за регионот, се шанса што мора да ја искористиме. Тие внесуваат поголема динамика и можност побрзо да се напредува ако навистина испорачуваме резултати“, посочи вицепремиерот.
Зборувајќи за преводот на европското право на македонски јазик како една од обврските за време на процесот, Димитров потенцираше дека македонскиот јазик е камен темелник на идентитетот на македонскиот народ.
„Во градењето европски идентитет, повеќејазичноста гарантира еднаквост на сите граѓани на Европската Унија. Во согласност со оваа политика за јазична еднаквост и македонскиот јазик ќе ужива статус на еднаков и официјален јазик на Унијата, тогаш кога Северна Македонија ќе стане полноправна членка“, истакна тој.
Во однос на одржувањето на Првата меѓувладина конференција со ЕУ за време на германското претседателство и предизвиците со соседна Бугарија, Димитров рече:
„Не е тајна дека заедно со германското претседателство работиме првата меѓувладина конференција да се случи во декември годинава. Исто така не е тајна дека имаме предизвик со нашите комшии, со соседна Бугарија. Но, јас сум убеден дека сите земји членки се свесни, а особено соседите, дека сме пред многу едноставен избор – или ќе имаме заеднички успех или ќе имаме заеднички дебакл, оти евентуалниот неуспех нема да е само македонски, туку ќе биде и пораз и за европската слика за Бугарија, ама пред се’ за самата Европа и нејзините основни вредности. Ние се подготвуваме за успешното, победничкото сценарио“, кажа вицепремиерот и објасни дека веднаш по првата меѓувладина конференција ќе се продолжи со скринингот и тоа со билатерален преглед по кластери и соодветни поглавја.
„Пристапниот процес за голема и за мала држава е ист, обврските се идентични, прашањето е само дали политички сме целосно спремни безрезервно да се вложиме. Ние сме подготвени и ги повикувам и очекувам од сите мои колеги во Владата и институциите, целата администрација и сите други општествени чинители, да се вложат во иднината на нашата држава. Да одиме напред, таму каде припаѓаме. Да си ја донесеме Европа дома“, порача вицепремиерот за европски прашања на денешната прес-конференција во контекст на мандатот и мисијата на СЕП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.