Македонија
(Видео) Доделени благодарници на тимовите што помагаа по земјотресот во Албанија

Заменик-претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заедно со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Аднан Џафероски, во присуство на амбасадорот на Република Албанија во земјата, Фатос Река, денеска во Владата им оддадоа почит на републичките сили за заштита и спасување, кои со одлука на Владата беа упатени во Албанија по катастрофалниот земјотрес.
Нашите тимови повеќе од 72 часа работеа на комплексни задачи за да им помогнат на локалните власти во спасување на преживеаните од земјотресот и расчистување на теренот.
Министерот Спасовски рече дека сме тажни и дека сочувствуваме со сите погодени во оваа катастрофална трагедија, но и се гордееме на нашите тимови, кои покажаа врвна стручност и им понудија помош на оние на кои таа им беше најпотребна.
„Вашиот ангажман никогаш нема да биде заборавен, како и фактот дека секогаш остануваме со подадена рака за поддршка за нашите соседи“, рече на средбата министерот Спасовски.
Вицепремиерот Бујар Османи на средбата рече дека сликите од Албанија никого не може да остават рамнодушен.
„Навистина видов дека вие работевте во исклучителни и животозагрозувачки околности со цел да им помогнете на настраданите. Со тоа го покажавте и вистинскиот имиџ на државата, во чија суштина се солидарноста и помагањето“, истакна Османи.
Директорот на ДЗС, Аднан Џафероски, на средбата со припадниците на републичките сили за заштита и спасување, кои учествуваа во акциите за спасување во Драч и другите места во Албанија, истакна дека целото општество се гордее на стручноста и пожртвуваноста овие тимови, кои во изминатите години се обучуваа да одговорат на предизвиците со соодветна реакција на сите природни катастрофи.
Амбасадорот Река во име на владата во Тирана искажа голема благодарност за понудената помош и за сè што беше сторено во оваа многу тешка ситуација за албанскиот народ.
Тим-лидерот на републичките сили за заштита и спасување, Ивица Наумовски, рече дека македонскиот тим во Албанија, комбиниран од спасувачи, рудари, пожарникари и други стручни лица, на терен покажа подготвеност да се справи со тешка мисија и во име на сите членови на тимот изрази сочувство до сите што загинаа во катастрофалниот земјотрес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.