Македонија
(Видео) Живковиќ: Мицкоски излажа дека пензиите се крателе
Денеска, Христијан Мицкоски излажа дека не само што пензиите не растат туку тие се крателе. Тоа не е точно, изјави Милан Живковиќ, претседател на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ, како реакција на обвинувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека најавеното покачување на пензиите е лажно ветување на Заев.
Тој рече дека во последните две и пол години пензиите растат постојано и најави дека ќе продолжат да растат.
„Во 2020 година просечната пензија со последното покачување ќе изнесува околу 15.500 денари, или од доаѓањето на власт до почетокот на идната година просечната пензија расте вкупно 1.746 денари. Владата предводена за 2020 година предвиде покачување од 700 денари и дополнително усогласување од 200 денари, што значи дека пензиите ќе пораснат речиси 900 денари“, рече Живковиќ.
Тој посочи дека ако се врати стариот модел, што го предлагаат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, пензионерите ќе добијат зголемување од 400 денари.
Што значи, рече Живковиќ, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски предлагаат 500 денари пониска просечна пензија за 2020 година.
„Истовремено, моделот што денеска го предлага Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ имаше можност да го применува додека беше на власт, но одлучуваше секоја година да им го оспори правото на законско зголемување на пензиите. Како пример ќе ја наведеме 2016 година кога ад хок паушалното зголемување го правеа на крајот на годината или поделено на 12 месеци – 60 денари месечно. Ние со покачувањето за цела година даваме околу 10.000 денари или речиси 850 денари месечно“, рече Живковиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

