Македонија
(Видео) Журки со преполни локали ширум Македонија, казните не ги прекинуваат забавите
Викендов се случуваа ноќни забави на кои видливо се кршат протоколите за заштита од коронавирусот.
Забава до доцна во ноќта синоќа се случуваше во струмичкиот клуб „Аватар“, каде настапи српскиот пејач Девито. Капацитетите на објектот беа исполнети, а меѓу младите немаше дистанца.
Инспекторите на пазарната инспекција влегоа во струмичкиот клуб. Тие досега поднеле две кривични пријави, од кои, за едната има и пресуда од суд и е платена.
Забави во сред пандемија и пораст на бројот на заболени се организираат и во Битола. Со клубски светла и разиграни гости на трубофолк музика, помина вчерашната вечер во угостителскиот објект „Император“. И тука, интервенирал Пазарниот инспекторат, кој затекнал прекршување на протоколите.
Инспекторите ќе поднесат кривична пријава и против овој клуб, а судот ќе треба да одлучи колкава казна ќе треба да плати.
Клубот „Мош“ продолжи со забавите, каде две вечери по ред настапуваше пејачот Владо Георгиев, а протоколите не се почитуваа.
Претходно, од Пазарниот инспекторат најавија затворање на објектот поради пречекорување на работното време, но подоцна стана извесно дека локалот ќе биде затворен идната недела оти инспекторката која го работела предметот е во изолација.
Директорот на пазарниот инспекторат рече дека против овој скопски локал кривична пријава била поднесена уште минатата недела, а сега, на два пати, се воочени прекршувања на протоколите.
„Колку и да ги казнуваме операторите, тие ќе ја платат казната. Кога одат инспекторите им велат: ‘Треба да бидете седнати, не станати’, на што добиваат одговор: ‘Ти ќе ми кажеш мене, еве го столчето до мене, јас ќе си играм’. Тоа е крајно несвесно и некоректно. Операторите ги казнуваме и со по 4 илјади евра, но, некаде и кривичните пријави не помагаат. Јас не знам како им се исплаќа“, изјави вчера Пауновски.
Забава со преполн локал имаше и во Центарот на Скопје, во „Гнездо“ на Улица Македонија. Присутните се забавуваа до доцна во ноќта. Инспекторите интервенираа навремено, но казната не ја прекина забавата. Директорот Пауновски истакна дека за овој случај направен е записник за непочитување на протоколите.
Забавите се случуваат во време кога во Македонија два дена по ред се бележат рекордни бројки на новозаразени со коронавирус. Вчера, најмногу новозаразени имаше во Скопје (98) и во Струмица (21).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

