Македонија
(Видео) Заев: За првпат со конкурсот за упис во средните училишта младите добиваат пракса и сигурно вработување
Од оваа есен почнува имплементацијата на образовен процес низ кој учениците добиваат пракса и потенцијално сигурно вработување по завршување на образованието, додека компаниите добиваат кадар подготвен да одговори на дадените работни обврски, истакна премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција каде заедно со Министерството за образование и наука и претставниците на стопанските комори во земјата, ги сумираа резултатите од кампањата „Учи паметно, работи стручно“.
На прес-конференцијата беше презентиран Конкурсот за упис во средните училишта за учебната 2021 – 2022 година, во кој за првпат значајно место имаат училиштата со паралелки за стручно образование.
Заев изрази задоволство од, како што рече, успешното спроведување на кампањата „Учи паметно, работи стручно“. Тој нагласи дека во знак на поддршка на новиот модел на стручно образование Владата вовела нови стипендии за ученици кои ќе се запишат во средните училишта за стручно оспособување.
„Успешната завршница на кампањата ‘Учи паметно, работи стручно’, како и внимателно подготвениот конкурс кој ги зеде сите аспекти од инклузивниот процес, се израз на нашиот сериозен пристап во унапредувањето на секој сегмент, на секоја коцка од мозаикот на реформираниот образовен систем“, заклучи премиерот.
Министерката за образование и наука Мила Царовска истакна дека за првпат постои уписна политика која е креирана преку една заедничка соработка помеѓу министерството, локалната самоуправа и компаниите.
„Со конкурсот за упис во средни училишта во учебната 2021-2022 година, во 109 средни училишта предвидуваме вкупно 30.053 слободни ученички места во 913 паралелки, од кои 19.602 во стручно образование во 604 паралелки, 9.261 во гимназиско образование во 274 паралелки и 1.190 ученички места во 35 паралелки во уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и математичко-информатичка гимназија“, објасни Царовска.
Министерката подвлече дека стручното образование станува интересно за младите и поради проширувањето на концептот на дуално образование – современ концепт на едукација кој обезбедува повеќе практична обука за учениците и тоа директно во компании.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

