Македонија
(Видео) Заев: Со бојкот на пописот ќе останеме црна дупка во светот
Премиерот Зоран Заев денека се обрати на работната средба во организација на Државниот завод за статистика (ДЗС), со општинските градоначалници со цел успешно спроведување на претстојниот попис на населението.
„За нешто повеќе од два месеца нашата земја ќе ја спроведе најважната статистичката операција – попис. Инсистирам на терминот ‘статистичка операција’ затоа што со законските решенија пописот ќе се реализира исклучиво како статистичка операција согласно стандардите на Обединетите нации и Евростат. Со неговото успешно спроведување конечно ќе ги исправиме и последиците кои ги предизвика огромната, недозволива пауза од 20 години од последниот релевантен попис“, нагласи премиерот.
Веднаш потоа тој се осврна на најавата за бојкот на пописот од страна на опозицијата.
„Освен што е правно недозволив, бојкотот носи само конфузија меѓу граѓаните, сериозна штета за државата и ништо добро, ништо позитивно. Повикот за бојкот е неодговорно однесување и отсуство на елементарна свест дека со неспроведувањето на пописот стануваме единствена земја која нема да може да планира каков било развој од економски, образовен, културен аспект“, посочи Заев.
Според него, таквиот став е свесно туркање на земјата во бездна и закана дека ќе останеме црна дупка во светот.
„Кому му одговара да имаме иднина планирана врз погрешни податоци стари повеќе од 20 години? Кому му одговара да имаме промашени планови за развој? Никој не сака таква земја за партнер. Ниту еден инвеститор нема да покаже интерес да инвестира кога ќе види дека земјата ги нема основните статистички податоци за нејзините ресурси за официјалната работна сила, за пазарот, за потрошувачките навики“, кажа премиерот и ја повика најголемата опозициска партија да се приклучи на оваа статистичката операција и, како што кажа, одговорно да ја исполни својата задача и улога во татковината.
Заев нагласи дека пописот не е само операција која треба да даде слика за етничката состојба во земјата, туку опфаќа многу сегменти, факти, податоци, бази од кои може да се согледаат развојот, стагнацијата или уназадувањето на едно општество.
„Важно е да се утврди точниот број на населението во земјата, не само вкупниот, туку и во секој плански регион, во секоја општина, населба… Но исто толку важно е и да ја добиеме целосната слика по сите основи – на која возраст ни е населението, со какво образование, со какви квалификации, местото на живеење. Или на пример кога се во прашање домаќинствата, живеалиштата, становите, пописот ќе ни даде одговор колку од зградите во кои живееме се енергетско-ефикасни, дали имаат пристап за лица со попреченост, колку од домаќинствата се греат на дрва, колку на струја, колку на парно“, посочи премиерот и нагласи дека пописот е и наша обврска како држава кандидат за членство во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Очекуваме Јавното обвинителство темелно и целосно да го расветли случајот со модуларната болница во Тетово
„Сведоштвата на поранешната обвинителка Лејла Кадриу отвораат сериозни прашања за причините и одговорноста за трагичниот настан во модуларната болница во Тетово. Филипче ја составил, потпишал и одобрил техничката спецификација, но доколку постапувал согласно закон и доколку не го интересирале провизии, трагедијата можела да биде спречена“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Модуларната болница во Тетово била изградена без исполнување на минимум стандарди. Наместо овие објекти да служеле за безбедност на граѓаните, истите не биле во согласност со пропишаните стандарди за изградба на објекти од областа на здравството.
Зошто законите не се почитувале и се импровизирало при нивното спроведување?
Зошто не биле доследно применети Законот за градење и Законот за здравствена дејност?
Зошто профитот бил ставен пред јавното добро?
Филипче и СДС наместо безбедноста на граѓаните ги интересирале провизии, анекси и тендери.
Во време на Филипче се вршеле набавки на вакцини од фирма која продава манго и ананас. Дополнително, се делеле физиолошки раствори наместо хемотерапија на Онкологија.
Пожарот во модуларната болница во Тетово исто така се случил поради низа пропусти при изградбата на објектот.
Очекуваме Јавното обвинителство темелно и целосно да го расветли случајот со модуларната болница во Тетово“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Аврамовски: Потребни се искрена посветеност и сериозен ангажман од власта во надминувањето на кризата со транспортерите
„Додека нашите владини претставници уверуваа за брзо решение со транспортерите, претставникот на здружението ‘Меѓународен транспорт’, кое ги води преговорите со ЕУ за надминување на блокадите, изјави дека Унијата не прифатила ништо од нивните барања и дека се повторно се можни нови блокади“, изјави портпаролот на Либерално-демократската партија (ЛДП), Љубен Аврамовски.
ЛДП уште пред две недели алармираше дека додека нашите министри се враќаат од Брисел со „одлични вести“ за надминувањето на проблемот со транспортерите и ЕУ, босанскиот министер за транспорт Един Форто, изјави дека засега „нема решение за проблемот со транспортерите и ќе има дополнителна работна група“.
„Повторното нагласуваме, одложувањето на проблемот до септември не значи никакво решение, ниту одлична вест. Секој изминат ден за превозниците значи изгубено време и губење на заработката. Упатуваме апел до нашите државни претставници за искрена посветеност и сериозен ангажман во врска со надминување на моменталната криза со транспортерите. Возачите на камиони мора да бидат сметани за професионалци, а не за туристички патници“, вели Аврамовски во својата изјава за медиумите.
Македонија
„Премиерот на море со авион, а за работниците нема пари за 600 евра плата“, велат од СДСМ
„Премиерот ужива во луксузот на грбот на народот. Дури и на Јадранско море, на капење оди со владиниот авион. Додека нема пари за работниците, нема пари за зголемување на минималната плата на 600 евра, додека се кратат 40 милиони евра за земјоделците“, велат од СДСМ.
„Исто како Никола Груевски, тој купуваше мерцедес од 600 илјади евра и носеше очила од 60 илјади евра а Мицкоски има часовници од 60 илјади евра и сака да купи нов авион, за нови туристички прошетки.
Додека Мицкоски лета, работниците тонат. Граѓаните едвај врзвуваат крај со крај, се борат со скапотијата и ниските плати а премиерот Мицкоски се луксузира во свет на привилегии, ароганција и расипништво.
Колку ги чинело граѓаните ова луксузирање на премиерот со владиниот авион?“, прашуваат од СДСМ преку писменото соопштение.

