Македонија
(Видео) Заев од Гостивар: 11 години ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не водеа грижа за народот

Претседателот на СДСМ и носител на кандидатска листа на пратеници во ИЕ4, Зоран Заев, вечерва се обрати на граѓанска трибина на СДСМ и коалицијата „Можеме“ којашто се одржа во Гостивар.
„Сега ги гледате, дојдоа изборите и повторно ДУИ и ВМРО=ДПМНЕ со национализам. Зошто ДУИ 12 години не го донесе Законот за јазици, се плашеа за рејтингот и кариерата? Но, дојдовме ние и го решивме прашањето. Ги лажеа граѓаните дека сите ќе изгубиме, но дали е така? Не. Добивме сите, секој има право да комуницира на својот мајчин јазик. Имавме храброст за сите одлуки што ги донесовме. Иако имавме 49 пратеници, сепак формиравме влада, но имавме многу пати и 80 пратеници за важните закони. Денес ги исполнивме стратешките цели и сега партиите не може да ветуваат НАТО и ЕУ, тоа е завршена работа. И зошто 12 години во време на режимот не се случуваше ова? Затоа што сите се грижеа за себе и својата партија, наместо за народот и државата“, кажа Заев.
Тој во своето обраќање зборуваше за политичките опоненти ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за кои рече дека немаат донесено ниту една храбра одлука за граѓаните и поради тоа коалицијата „Можеме“ силно победува во шестката.
„Оваа коалиција ќе победи. Во шестката ќе го победиме ДУИ, Алијансата на Албанците, а од ВМРО-ДПМНЕ ќе имаме двојно повеќе пратеници во оваа изборна единица. Го слушам ДУИ сака Албанец за премиер. Не можат да ни продаваат такви филмови нам. Тие не се борат за народот, се борат за власт и пари. Не може никој толку години да биде власт, навлегуваат во институциите и го узурпираат системот. Нека знаат дека сега нема НАТО, ЕУ, Грција, Бугарија, сега имаме работа дома. Ги имаме сите фронтови отворени пред нас, треба да се биде економски патриот. Вистински патриот е тој што зголемува плати, што вработува млади, што им дава пари на граѓаните наместо да им ги краде, сите други се кукавици кои се кријат зад национализмот. На светот му се случува четврта индустриска револуција, а ние не можеме да живееме во 19 или 20 век“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.