Македонија
(Видео) Започна судењето за нападот врз новинарите од порталот „А1 он“, обвинетиот не се чувствува виновен
Во Основниот суд Скопје 1 Скопје, денеска се одржа првото рочиште за нападот на новинарската екипа на порталот „А1 он“, кој се случи на 28 февруари минатата година за време на протестот „За заедничка Македонија“, кога оштетените Александар Тодески и Владимир Желчески заработија телесни повреди и потрес на мозокот по физичкиот напад кај портата „Македонија“.
Според обвинението што е поведено од страна на Јавното обвинителство, обвинетиот Матеја Каников, заедно со уште едно, засега непознато лице, на 28 февруари минатата година, втор ден од протестот „За заедничка Македонија“, пред самиот крај на демонстрациите, веднаш до триумфалната порта во центар физички ги нападнал оштетените Тодески и Желчески, кои во тој момент биле наведнати кон земјата и ги снимале испечатените пари со албански знаменитости, кои претходно биле фрлени од страна на демонстрантите.
На самиот почеток на рочиштето обвинетиот Каников пред судот изјави дека не се чувствува виновен за случувањето. Јавното обвинителство го товари Каников за сторено кривично дело насилство од член 386, став 3 и став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот, родител на две деца, 3 и 6 години, веќе бил осудуван за кривично дело во 2005 година за кое побара да не се зема предвид при донесување на одлуката.
Оштетениот Владимир Желчески пред судот изјави дека го препознава обвинетиот Каников од снимките што му биле покажани во полициската станица, каде што се гледало како Каников заедно со непознатото лице по нападот бега низ Градскиот трговски центар.
Вториот оштетен во случајот, Александар Тодески, изјави дека непосредно пред нападот, додека ги местел испечатените банкноти, зад грбот слушнал лице што побарало од оштетените да се легитимираат за кој медиум работат. Кога одбиле да го сторат тоа, биле физички нападнати со удари во главата, а кога паднале на земјата, напаѓачите продолжиле да удираат со нозете по главата и по телото на Тодески и Желчески.
„И ден-денес, една година подоцна, кога ќе се сетам на немилиот настан, чувствувам страв и немир“, вели оштетениот Желчески по што додаде дека на дел од нападот не се сеќава најдобро поради ударите што ги примил. Целосната присебност му се вратила дури кога со брзата помош бил пренесен на Ургентниот центар.
Полицијата за време на нападот не била во близина, но и кога дошле полицајците, одбиле да тргнат во потера по напаѓите и покрај тоа што лицата што биле во тој момент таму и се повикани како сведоци им укажале во кој правец се упатиле тие.
Оштетениот снимател Желчески потенцира дека пред да се случи нападот, го забележал тогашниот министер за финансии, Кирил Миновски, по што заедно со Тодески се обидел да земе изјава од него, но тој ги одбил.
По завршувањето на рочиштето, обвинетиот Каников не сакаше да даде никаков коментар за случајот.
Надлежниот судија, Марија Клетничка, следното рочиште за овој случајот го закажа за 25 мај, на кое ќе бидат повикани да сведочат лицата што биле во непосредна близина на немилиот настан, а ќе се разгледува и снимката од ГТЦ, која Обвинителството ја набави како доказ против обвинетиот Каников.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

