Македонија
(Видео) За неполни две години, антикорупциската комисија постапила по вкупно 713 предмети
Со презентација на клучните активности, резултати и идни предизвици во борбата против корупцијата и судирот на интереси, Државната комисија за спречување на корупцијата го одбележа 9 Декември – Меѓународниот ден за борба против корупцијата.
На настанот, кој поради препораките за заштита од Ковид-19, се одржа во хибридна форма, меѓу другото, беше споделено дека за неполни две години од работата на актуелниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата, донесени се одлуки по вкупно 713 предмети.
Од нив, 374 одлуки од областа на корупцијата, 156 од областа судир на интереси, 70 одлуки се однесуваат на непочитување законски одредби за време на изборниот процес, а 113 одлуки се однесуваат на проверката на имотот на функционерите.
Во овој период Комисијата поднела и над 340 постапки по сопствена иницијатива, а истовремено примила и разгледала и речиси 1.700 пријави од граѓани, организации и институции со сомневање за постоење корупција, злоупотреба и судир на интереси.
Дополнително, извршена е и антикорупциска проверка на 16 закони, а благодарение на соработката со државните институции и граѓанските организации, донесена е и новата петгодишна стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со план на активности до крајот на 2024 година.
„За Државната комисија за спречување на корупцијата, охрабрувачки се резултатите од истражувањата, кои покажуваат дека се зголемува позитивната перцепција на граѓаните, особено на укажувачите, и нивната подготвеност да пријават незаконско дејствување и корупција. Се разбира, ние мора да го искористиме ваквиот тренд и дополнително да ги охрабриме граѓаните да ги пријавуваат сите незаконски и коруптивни активности нудејќи им ефикасна заштита“, истакна претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска.
За потребата од зголемување на ефикасноста на системот за антикорупција и потребата од натамошна координација и соработка помеѓу државните институции и граѓанскиот сектор, укажа и шефот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир.
„Со зголемени овластувања и проширен мандат, Државната комисија за спречување на корупцијата има централна улога во напорите за борба против корупцијата. За да го направи тоа ефикасно, потребно е да биде поддржана со соодветни буџетски и финансиски ресурси и по нејзините препораки соодветно да се постапува. Во моментот ЕУ обезбедува поддршка на Државната комисија за спречување на корупцијата со цел да се зајакнат интегритетот, транспарентноста и отчетноста на јавните институции. Но, напорите за борба против корупцијата не може да бидат задача само на јавните институции. Меѓународниот ден за борба против корупцијата нè потсетува дека тоа е одговорност за целото општество што бара акција и одлучност од сите нас“, рече Гир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

