Македонија
(Видео) „Историска измама, со линеарното покачување власта ги краде пензионерите“, велат од СДСМ
„Владата им подготвува историска имама на пензионерите, со последната одлука за линеарно згоелмување на пензиите за 1.000 денари. Пензионерите ќе бидат два пати оштетени со оваа одлука, со овој грабеж, еднаш во септември и еднаш во март следната година. Денес ќе ја изложиме целосната пресметка и фактите за македонските пензионери да разберат за каква манипулација се работи“, вели Јована Тренчевска – пратеничка од СДСМ.
„Според сегашниот закон кој го донесе СДСМ, пензиите се усогласуваат двапати годишно — во март и септември — врз основа на растот на платите и трошоците за живот. Ако Владата не го менуваше законот и се водеше по услогласувањето, пензиите во септември ќе се зголемеа за околу 5%.
Што значи тоа?
За пензија од 20.000 денари зголемувањето ќе беше 1.000 денари, исто како што сега со линеарното зголемување.
Но за пензија од 25.000 денари, пензионерите би добиле 1.250 денари, а со новото решение добиваат помалку, само 1.000 денари.
За пензија од 30.000 денари, наместо 1.500 денари, добиваат помалку.
За пензија од 40.000 денари, наместо 2.000 денари, повторно добиваат двојно помалку, само 1.000.
И така редоследно секој пензионер губи од пензијата.
Според нашите точни пресметки, огромни 92,5% од пензионерите, односно над 318.000 луѓе, се оштетени со ова линеарно зголемување и ќе земаат помалку од тоа што им следува по закон.
Само 7,5% од вкупниот број на пензионери ќе добијат нешто и тоа помалку од заслуженото.
Дополнително, следното усогласување во март 2026 ќе се пресметува на помала основица, што значи дека и понатаму пензионерите ќе добиваат помалку од заслуженото.
Со ова решение Владата практично ги излажала и им ускрати од пензиите на пензионерите двапати.
Покрај тоа што пензионерите се оштетени, со оваа одлука се крши принципот на правичност — секој да добива според својот придонес — и се испраќа порака дека вложувањето во пензискиот систем нема смисла, што го загрозува фондот и идните пензии.
Анализата исто така покажува дека денес на еден пензионер има само 1,6 работници — најлош однос досега, а дефицитот на фондот е над 47% и расте. Наместо Владата да го стабилизира системот и да поттикне повеќе вработени, таа со популистички и манипулативни потези го уништува. Не само што го уништува системот, туку објективно ги краде пензионерите.
Со овој предлог закон, Владата ви ги крати заслужените пензии, ве излажа двапати и го поткопува целиот систем на кој се темели вашата безбедност.
Бараме Владата веднаш да го повлече овој предлог и да им ги врати на пензионерите парите што им следуваат, правично и согласно законот!“, изјави Јована Тренчевска – пратеничка од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Густата магла и лизгавиот пат ѝ помогнале на полицијата да го спаси Кајмакоски, тврди извор за српските медиуми
Густата магла и лизгавиот коловоз, по сè изгледа, одиграле клучна улога во спасувањето на Даниел Кајмакоски.
Како што вели извор на Курир.рс, можно е киднаперите, поради намалената видливост, да се дезориентирале и на кружниот тек кај Рума пропуштиле да скршнат во планираниот правец, па продолжиле право и изгубиле контрола над возилото, кое излетало од патот и удрило во банкина.
„Токму тој тек на околности доведе до прекин на нивната намера. Интересно е што киднаперите, заедно со жртвата во автомобилот, успеале да поминат две наплатни рампи – во Шимановци и во Рума. Но ударот во заштитната ограда го запрел нивното бегство. Откако го оштетиле автомобилот, двајцата осомничени, за кои се верува дека се турски државјани, продолжиле да бегаат пеш. Истрагата продолжува, а надлежните ги испитуваат сите околности, вклучително и движењето на осомничените пред инцидентот“, изјавил изворот.
Според досегашните информации двајца странци во ноќта меѓу сабота и недела го пресретнале Даниел Кајмакоски по негов настап во локал во Белградската Бетон хала. Со закана со нож и пиштол му наредиле да влезе во својот бел „волво“, каде што го врзале. Киднаперите од пејачот барале 20.000 евра.
„Прво се обидела да ги запре патрола на сообраќајна полиција во Белград, но откако возачот на ‘волвото’ не застанал, туку дал гас, се активирале алармите. Наскоро некој од блиските на пејачот ја повикал полицијата и пријавил дека ‘исчезнал’. Во потрагата, покрај сообраќајната полиција, се вклучиле и други полициски единици. Белото ‘волво’ било пронајдено на автопатот кај исклучокот за Рума, каде што имало сообраќајна незгода, односно удрило во банкина“, додава изворот.
Полицијата во возилото го пронашла пејачот, кој бил во шок. Киднаперите сè уште се во бегство, а потрагата продолжува.
Македонија
Војници во влага, на перници стари со децении, со прибор стар 20 години и руинирани тоалети – синдикатот алармира по појавата на шуга во велешката касарна
Независниот синдикат на професионални војници, реагира поради појавата на шуга кај новопримените професионални војници во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, обвинувајќи за катастрофални услови за живот и работа во касарните низ државата.
Оттука посочија дека случајот во Велес е само еден од ретките кои добиле медиумска покриеност, иако слични инциденти се случувале и порано, но останувале тајни.
„Професионалните војници имаат најлоши услови за работа, од нечиста постелнина, неисперена со години, од перници стари по 15-20 години, исто така и за кебињата и чаршавите со години стари и необновени. Просториите каде што спијат војниците се најчесто со влага , со многу инсекти по просториите, храната се дава во нехигиенски услови со прибори стари над 20 години и нејзиниот квалитет е на најслабо ниво, храната е еднолична и недоволна, санитарните јазли се нереновирани и руинирани повеќе од 15-20 години. Професионалните војници многу често работат во услови кога немаат струја во објектите за да се загрејат и техничка вода за да се одржава личната хигиената и хигиената на објектите, ваквите состојби траат со години“, се наведува во соопштението на сидникатот.
Александар Насковски, претседател на синдикатот потенцира дека военото раководство и сите министри за одбрана досега не покажале грижа за војниците, и покрај долгогодишните апели. Според него, се реновираат само просториите на офицерите, а не и објектите каде што живеат и престојуваат 24/7 професионалните војници.
„Со зголемениот буџет согласно барањата на НАТО, треба приоритет да бидат условите за работа и човечкиот фактор, а не само набавки на оружје. Залудно е да се инвестира во опрема ако нема кој да ја користи“, се наведува во соопштението.
Синдикатот го обвинува министерот за одбрана Владо Мисајловски за игнорантски однос, отсуство на социјален дијалог и непочитување на основните човекови права на припадниците на Армијата.
Меѓу причините за растечкото незадоволство ги посочуваат: немање покачување на плати три години поради правни измени, дискриминација и мобинг и масовен одлив на војници.
Синдикатот најавува дека во наредниот период ќе продолжи јавно да информира за состојбите во Армијата низ целата држава.
АРМ и Министерството за одбрана претходно информираа дека двајца професионални војници од велешката касарна се зарезени со шуга. Заразените се дел од 296-темина нови професионални војници кои на 16 јануари положија заклетва.
Од страна на стручните лица на АРМ и Воено-медицинскиот центар (ВМЦ) биле преземени мерки согласно здравствените протоколи за спречување на евентуално ширење на заболувањето. Во касарната бил направен епидемиолошки надзор од страна на ВМЦ и се постапувало согласно препораките на стручните лица.
Македонија
Српската полиција се огласи по киднапирањето на Даниел Кајмакоски: Се трага по двајца осомничени
Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека полицијата трага по две лица осомничени за киднапирање на македонскиот пејач Даниел Кајмакоски, нагласувајќи дека пејачот, кој бил пронајден со врзани раце, е згрижен.
Како што е наведено, по полициска потера, возилото во кое се наоѓале двете непознати лица, било запрено на територијата на општина Рума. Киднапираниот бил затекнат во возилото со врзани раце, додека киднаперите успеале да го напуштат возилото и да побегнат во непознат правец.
Двајцата претходно со нож и огнено оружје го киднапирале Кајмакоски.
Српското МВР потенцира и дека киднапирањето се случило во утринските часови во Белград и дека киднаперите барале пари од пејачот.

