Македонија
(Видео) Каевски: Обвинителство да ги истражи сите наводи за Мицкоски за рекет и закани кон бизнисмени

Откако во јавноста излегоа сведоштва за наводен рекет и закани од страна на Христијан Мицкоски, сега на ред е Јавното обвинителство. Овие сериозни обвинувања за нови криминални шеми на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски доаѓаат од актуелен градоначалник на скопска општина и од долгогодишен бизнисмен, изјави на денешната прес-конференција Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
Тој додаде дека јавноста преку судските пресуди виде за каков се криминал е способна ВМРО-ДПМНЕ, но очигледно и по пресудите во оваа партија ништо не се менува. Затоа, надлежните институции, првенствено Јавното обвинителство мора да постапи и да ги истражи овие наводи.
Мицкоски мора да знае дека заврши времето кога некој беше недопирлив и над законите. Денес законот важи за сите, а правосудниот систем работи ефикасно и ослободено од политички притисоци, изјави Каевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Францускиот предлог стигна во Собранието, седница не е планирана за вечерва

Владата до Собранието ја достави Информација за содржината на предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со Европска Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европска Унија на 30 јуни 2022 година.
Од Собранието информираат дека согласно процедурите, материјалот ќе се достави до пратениците и за понатамошно постапување, соодветно и навремено јавноста ќе биде информирана.
„Имајќи ги во предвид шпекулациите, Ве информираме дека за вечерва не е планирана седница. Во моментот кога претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ја свика седницата, навремено ќе бидете информирани“, велат од Собранието.
Македонија
МВР: Приведен демонстрант кој повреди полицаец

Приведен е демонстрант кој повредил полицаец за време на вчерашниот протест и против него поднесена кривична пријава, соопшти МВР.
„Денеска (07.07.2022) од страна на Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал при СВР Скопје, по преземени мерки и активности, лишен е од слобода Г.К.(22) од Скопје. Имено, на 06.07.2022 околу 20.35 часот, за време на одржување на јавен собир на граѓани, организиран преку социјални мрежи, Г.К. започнал да фрла со тврди предмети кон полициските службеници кои вршеле службени дејства околу обезбедување на собирот, нанесувајќи му повреда на еден од нив.
Во координација со ОЈО Скопје поднесена е кривична пријава по брза постапка за кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по член 385 од Кривичниот законик и лицето е изведено пред Судија на претходна постапка“, велат од полицијата.
Македонија
(Интервју) Марјан Ѓорчев: Францускиот предлог нè фрла во амбис и води кон сeриозни проблеми

Македонија е внедрена во погрешна рамка закачена на погрешен ѕид, тој ѕид нè оддалечува од европската перспектива и не се знае кога ќе можеме да ја реализираме нашата желба Македонија да биде една од жолтите ѕвезди на ЕУ, вели во интервју за „Макфакс“ поранешниот амбасадор на Македонија во Бугарија, Марјан Ѓорчев, во врска со францускиот предлог.
„Република Бугарија ни одржа лекција во политичка култура“, оценува Ѓорчев.
„И додека кај нив сè беше направено со една отворена дебата, нашите институции не ја кажуваат вистината дека се преговарало. Значи, тој таен пристап е погрешен“, нагласува Ѓорчев.
„Францускиот предлог каков што е, не само што е неприфатлив за нас, тој е противречен сам по себе“, дополнува Ѓорчев, но појаснува дека тој им противречи и на темелните вредности на ЕУ.
Предупредува дека во „отворањето на Уставот лежи стапицата“ за решавање на спорот со Бугарија.
„Уставот не е алваџиски тефтер да го отворате кога сакате“, потенцира Ѓорчев во интервјуто за „Макфакс“
„Каде е ставот на МАНУ, таа мора да биде консултирана. Бугарското општество секогаш, прво, се консултирало со бугарската Академија, што ќе кажат белите коси, што ќе каже мудроста. Ние ќе криеме, па потоа ќе отвориме нешто што нема да го дозатвориме и ќе дојдеме до ситуација на рационализација. Што треба да направиме ние за да не си ја скршиме главата од ѕидот, треба да бидеме рационални, но и мудри?“, вели Ѓорчев.
Според него, власта не го објавува протоколот затоа што, како што вели, тој е многу сензибилен и претставува тежок товар, кој ќе предизвика дополнителни емоции кај секој Македонец.
За македонскиот јазик, историските прашања, кои се опасните делови и каде се кријат замките во францускиот предлог од страна на Бугарија, во интервју за „Макфакс“ одговара поранешниот амбасадор на Македонија во Бугарија, Марјан Ѓорчев.