Македонија
(Видео) Коалицијата „Храбро за Македонија“ ги поднесе листите за кандидати за пратеници до ДИК

Коалицијата „Храбро за Македонија“ денеска до Државната изборна комисија ги поднесе листите за кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија.
„Коалицијата „Храбро за Македонија“ ја поднесува оваа листа во која учествуваат Граѓанската опција за Македонија, Интегра и Партијата за целосна еманципација на Ромите. Ние сега имавме Централен одбор на којшто без било каква забелешка, едногласно беше усвоена оваа листа и во исто време сакаме да кажеме дека ја предаваме оваа листа во којашто имаме и доктори на науки и угледни доктори, имаме хирурзи, луѓе од различни области кои можат да бидат вистински репрезенти на граѓаните од нивните средини. Она за што овие шест листи ќе се залагаат за реформа на образованието, реформа на здравството и реформа на јавната администрација“, изјави лидерот на ГРОМ и кандидат за претседател на државата, Стевчо Јакимовски.
„Коалицијата „Храбро за Македонија“ на ГРОМ, Интегра и ПЦЕР, со кандидатските листи кои денеска ги поднесуваме и со програмската платформа со којашто ќе се појавиме на изборите, очекуваме да биде сериозен катализатор на процесите на политичката сцена во Македонија. Очекуваме дека третиот, нов пат, ќе изненади овојпат, очекуваме и дека ќе изненадиме со нашите цели во програмската платформа, ќе таргетираме извонредни критични точки во општестото, во политичкиот систем и се надеваме дека ќе го покренеме гласачкото тело и овие моќни 53% неопределени конечно ќе мора да сфатат дека со заокружување на гласачкото ливче ја креираат својата судбина, судбината на своите семејства, на своите деца и своето потомство и се надеваме дека ќе имаме сериозен одзив на овие избори“, кажа Љупчо Ристовски, лидер на Интегра.
„Јас сум пресреќен што овие кандидати ќе го поддржуваат Законот за извршување и ќе вложат максимален труд, доколку нормално вие ги изгласате, а би требало да ги изгласате бидејќи се засегнати граѓаните. На оваа листа се чесни луѓе и оваа коалиција ја поддржува таа иницијатива. Затоа сме денеска сите тука заедно, да поддржиме, да го подобриме животот на граѓаните и да извршителите ги пратиме кадешто им е местото, односно да не бидат тука, туку да се вратат сите извршители во судот и да почне да се спроведува Законот. Со овој стил на работење, извршителите го упропастија народот, имаме 500.000 жртви, починати од стрес поради тие дејствија на извршителите. Затоа сме денес тука, бидејќи оваа коалиција ја поддржува нашата ангажираност и нашите активности во делот на извршувањето во Република Македонија“, кажа Самка Ибраимоски, лидер на ПЦЕР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Имало три нови обиди за палење на „Дрисла“, Ангелов најави засилено обезбедување, полицијата разговара со вработените

Криминалистичката полиција разговара со вработените за можни потпалувачи, чадењето сè уште активно.
Криминалистичката полиција денеска разговара со вработени во ЈП „Дрисла“ за да ги утврди причините за пожарот, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
„Припадниците на криминалистичката полиција ќе позборуваат со вработените дали постои можност некој од внатре да учествува во подметнувањето на пожарите или можеби некој од надвор доаѓа, веројатно малку физички спремен со канта бензин или шише бензин, зашто се работи за запаливи гасови, да го подметне пожарот“,рече Ангелов.
Тој посочи дека чадењето е намалено, но сè уште активно, појаснувајќи дека станува збор за чадење, а не за горење.
Видлив оган на депонијата нема, рече Ангелов, туку се работи за чад што излегува од внатрешноста како последица на силните хемиски и биолошки процеси што се одвиваат на депонијата, каде што се слева исцедокот од депонијата.
Ангелов откри и дека имало најмалку три обиди за ново палење. Побара засилено полициско присуство и дополнителни методи на набљудување, бидејќи дел од депонијата е необезбеден и лесно достапен.
Од „Дрисла“ апелираа до МВР да ги пронајде и санкционира потпалувачите.
Македонија
Toшковски: Во тек се подготовки за мирни локални избори

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работни посети на Одделението за внатрешни работи Струга и Полициската станица за гранични проверки Ќафасан. Од страна на раководствата на СВР Охрид и ОВР Струга министерот беше информиран за безбедносната состојба во регионот, со забележителни резултати во справувањето со насилниот криминал и видлив напредок во подобрувањето на сообраќајната безбедност – област во која и понатаму ќе се вложуваат дополнителни напори.
„Во пресрет на претстојните локални избори, веќе се преземаат соодветни оперативни активности насочени кон обезбедување мирен и безбеден изборен процес. Што се однесува до граничниот премин Ќафасан, во текот на оваа летна сезона е евидентирано зголемување на бројот на патници кои ја поминале границата во споредба со истиот период минатата година. Во таа насока, заедно со албанските колеги работиме на имплементација на системот „One Stop“, кој во комбинација со одредени инфраструктурни прилагодувања ќе овозможи да имаме трајно решение за намалување на гужвите и забрзување на протокот на патници и возила за време на туристичката сезона.“, подвлече министерот Тошковски.
Македонија
Собранието ја усвои Декларацијата за фер, слободни и демократски избори

Собранието на денешната пленарна седница ја усвои Декларацијата за одржување фер, слободни и демократски избори за членови на советите на општините и за градоначалници на општините и на Градот Скопје. Оваа декларација е прва од ваков вид што се усвојува во Собранието.
Со овој историски чин, Собранието ја реафирмира својота непартиска сплотеност и посветеноста за гарантирање на демократските и европските стандарди во изборниот процес, нудејќи целосна поддршка на одговорните институции, независното набљудување и мирната и рамноправна изборна кампања.
Декларацијата ја нагласува важноста на почитувањето на законот, основните права и слободи, како и осудата на говорот на омраза, насилството, корупцијата и злоупотребата на државните ресурси. Исто така, се потенцира значењето на политичката толеранција и меѓусебното почитување меѓу различните политички опции, како и улогата на медиумите во обезбедувањето позитивна атмосфера на изборниот процес преку еднакво промовирање на кандидатите, нивните идеи и платформи.
Собранието, како претставник на граѓаните и чувар на сплотеноста, испраќа порака дека изборите на 19 октомври треба да бидат доказ за политичката зрелост и за демократското функционирање на нашето општество и институции.