Македонија
(Видео) Ковачевски: Владата силно го поддржува рамномерниот регионален економски развој

Премиерот Димитар Ковачевски денеска учествуваше на настан во организација на ЗЕЛС по повод јубилејот 50 години.
Во своето обраќање Ковачевски зборуваше за поддршката на Владата кон општините, за важноста од соработката на сите фактори – централна, локална власт, како и за поддршката на ЕУ и САД во градењето на демократските капацитети за просперитет и економски напредок.
„Со проектот ‘ЕУ за општините’, со кој претседава министерот за локална самоуправа, во наредните три години во општините Велес, Радовиш, Тетово, Аеродром, Врапчиште, Охрид, Струмица и во градот Скопје ќе се реализираат големи иновативни проекти во вкупна вредност од 5,5 милиони евра“, нагласи премиерот.
Тој истакна дека голем успех во реализацијата има и проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП за над 35 општини во земјата, спроведуван од Министерството за финансии со поддршка на Светската банка со реализација на 99 проценти од планираните капитални инвестиции во 2020 година.
„Во 2021 година преку овој проект се реализираа капитални инвестиции во износ од 800 милиони денари.
Во рамките на годинешниот буџет за МСИП проектот, пак, предвидена е реализација на повеќе проекти, меѓу кои и оној за подобрување на енергетската ефикасност во државата.
Со проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор обезбедени се средства во вкупна вредност од 25 милиони евра, од нив 5 милиони евра се предвидени за здравствени објекти и 10,5 милиони евра за проекти за општините.
Со средствата во оваа фаза енергетски ефикасни ќе станат 18 здравствени установи, како и објекти за кои 17 општини имаат поднесено 54 проекти.
Проектот за поврзување локални патишт, од 70 милиони евра, Министерството за транспорт и врски почна да го реализира во 2019 година и ќе продолжи сè до 2024 година.
Се реализира во 80 општини, се спроведуваат градежни активности за рехабилитација, реконструкција и надградба на локални патишта и улици со вкупна должина до 450 километри.
Уште еден крупен проект што се реализира изминативе десет години во насока на подобрување на општинската инфраструктура е ‘Водоснабдување и одведување отпадни води’.
Со средства во вредност од 100 милиони евра поддржани се сите општини за изградба на подобра инфраструктура за водоснабдување и пречистителни станици.
Овој проект ќе продолжи и во иднина со дополнителен фонд, средства за поддршка на унапредување на локалната инфраструктура.
Навистина има уште многу вредни проекти што се реализираат во општините, ќе има и во иднина и верувам дека заеднички со сите капацитети ќе ги искористиме механизмите што се на располагање за подобрување на животот на граѓаните“, нагласи премиерот Ковачевски во своето обраќање.
На свечениот настан зборуваа и Кејт Мари Брнз, амбасадорка на САД, Штефен Худолин, шеф за соработка на Делегацијата на ЕУ, како и претседателката на ЗЕЛС, Данела Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.