Македонија
(Видео) Ковачевски во Брисел: Европската Комисија препознава солидно усогласување на нашето законодавство со европското

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска за време на работната посета на Брисел во рамки на која го отвори претпоследниот билатерален скрининг за поглавјето 30 посветено на надворешните односи даде изјава.
„Денес ми е задоволство што сум во работна посета во Брисел, во рамки на која го отворив претпоследниот билатерален скрининг за поглавјето 30 посветено на надворешните односи. Процесот на скрининг се одвива успешно и според утврдената динамика. Од првата меѓувладина конференција на 19 јули 2022 кога официјално ги започнавме преговорите со Европската Унија, се одржуваат објаснувачки и билатерални состаноци, за сите 33 поглавја поделени во 6 кластери“, рече Ковачевски.
„Во овој период од 15 месеци, имавме скоро 100 работни денови во Брисел, учествуваа приближно 1.000 учесници од сите институции, беа одржани 850 презентации, а во процесот учествуваа 206 различни институции.
Скринингот завршува утре на 7 декември и навистина сум задоволен што вицепремиерот Маричиќ и неговиот тим во СЕП успешно и во рок го поминаа целиот процес, а задоволството го дели и Европската Комисија и тоа го потврдија во нивниот извештај.
Констатацијата на ЕК е дека имаме солидно ниво на усогласеност. Понатаму следат патоказите, кои се наша обврска која произлегува од Преговарачката рамка, кои пак се услов за отворање на првиот кластер.
За државата воедно од огромна важност е Планот за раст, кој го презентираше претседателката Фон дер Лајен, а кој го баравме ние, земјите од Западен Балкан. ЕК го подготви и достави Планот и тоа е навистина охрабрувачки.
Планот за раст е токму она што го очекувавме – елабориран, оперативен и фокусиран на неколку приоритети што го прави остварлив, а не само уште еден план со недостижни цели.
Овој План, ќе даде нов, силен поттик на процесот на евроинтеграции. Со неговата реализација која зависи и од ЕУ но пред се од нас, земјите од Западен Балкан двојно ќе го зголемат обемот на економијата на регионот и во земјата преку зголемена економска соработка.
Планирани се 2 милијарди евра во грантови за земјите од Западен Балкан кои имаат можност да користат најмалку 4 милијарди евра во заеми за стратешки проекти кои што ќе го подобрат животот на граѓаните и работењето на компаниите а секако и инфраструктурата за поврзувањето на земјите од Западен Балкан.
За да може да се операционализира сето ова воспоставена е структура за спроведување на планот за раст и на политичко и експертско ниво.
Формирани се експертските и политичките работни групи, а првите чекори веќе и се преземени – на 17. ноември, во организација на Министерството за финансии, во Скопје се одржа министерска конференција со министри за финансии главни преговарачи од земјите од регионот, како и високи претставници од ЕК на која се утврдија детали за понатамошното функционирање на процесот и конкретни рокови кои треба да обезбедат што поскоро пристап до средствата“, изјави премиерот Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.