Македонија
(Видео) Костадинов: Мицкоски на грбот на народот печалеше од цената на струјата, лицемерно е сега да биде загрижен
Многу е голема веројатноста дека Христијан Мицкоски е заплеткан во бизнисите со хидроцентрали, на грбот на граѓаните, изјави на денешната прес-конференција, портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
„Тој лично беше косопственик на 3 мали хидроелектрани, кои имат загарантиран 20-годишен договор по цена на струјата што ја плаќаме сите ние граѓаните. Секој граѓанин, секое семејство, му плаќаше на Мицкоски за овие хидроелектрани“, посочи партискиот портпарол.
Според него, за четири години, поточно во 2016, 2017, 2018 и во 2019, хидроелектраните во кои Мицкоски имал удел заработиле речиси еден милион евра, односно 56 милиони денари.
„На ист начин и ‘Пелагонија eнерџи’ на својот финансиер и тајкун, Орце Камчев, од хидроелектрани инкасирала над 33 милиони евра за 5 години, во периодот од 2015 до 2019 година“, нагласи Костадинов.
Портпаролот на СДСМ рече и дека Мицкоски ќе остане запаметен како најнеспособниот директор на АД ЕЛЕМ, но и како советник за енергетика во владата на Никола Груевски, влада која, како што рече, носела погубни енергетски политики.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да одговори на кое име му е станот во Дубаи?
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека, како што велат, вистинското лице на СДСМ излегува на површина, откако по седумгодишното владеење, кое според партијата било обележано со корупција и уништување на државата и економијата, поранешните функционери ги пренасочиле своите бизниси во една од најбогатите држави во светот – Обединетите Арапски Емирати.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека по долг период на јавно укажување и неколку дена по сведоштвото дека поранешниот премиер Зоран Заев гради 42-катница во Дубаи, стигнала и потврда од претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
На новинарско прашање дали заедно со Заев гради висококатница во Дубаи, Филипче одговорил дека тој не градел, што, според ВМРО-ДПМНЕ, претставува индиректна потврда на нивните тврдења и на сведоштвото на Тома Аврамски дека токму Заев е инвеститорот на 42-катната зграда.
„Признанието дека Филипче не гради, не може да се толкува поинаку освен како официјална потврда дека неговиот ментор, Зоран Заев, го проширил својот бизнис и инвестира во градежништвото во Дубаи“, соопштуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Филипче сега треба јавно да одговори како се стекнал со таканаречената златна виза во Дубаи, со оглед дека, како што велат, досега не презентирал докази за најавуваниот работен ангажман во тамошни здравствени установи.
„Ако не градел со Заев, на кој начин се стекнал со златна виза?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, отворајќи и дилема дали станот спомнат во сведоштвото на Аврамски е во сопственост на Филипче или истиот бил префрлен на трето лице.
Партијата нагласува дека одговори ѝ должи и јавноста и Зоран Заев, кој, според нив, треба јавно да соопшти како дошол до милионите со кои инвестира и гради облакодери во Дубаи.
„Апелираме да не се одолговлекува, бидејќи вистината, порано или подоцна, секогаш излегува на виделина“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Една година затвор за обид да прегази полицаец кој сакал да го легитимира
Четириесет и шестгодишен кавадарчанец е осуден на една година затвор затоа што со автомобил удрил во полициски службеник кој сакал да го легитимира.
На 21 декември по полноќ, со возило „фолксваген“ обвинетиот не запрел на даден знак од полициските службеници, а кога на една од крстосниците во градот бил опколен од две полициски возила за да го запрат, сакал да прегази полициски службеник.
Полицаецот излегол од службениот автомобил за да го легитимира и во тој момент осомничениот се залетал кон него со возилото со голема брзина, го удрил во стомакот и левата нога, а потоа удрил и во полициската кола, по што продолжил да вози. Полицаецот од ударот се здобил со неколку телесни повреди.
Осомничениот бил приведен на 25 декември и следниот ден бил изведен пред судија каде го признал делото. Судот во Кавадарци изрече пресуда со која го огласи за виновен и го осуди на казна затвор од една година, а до правосилност на пресудата одлучи обвинетиот да биде обезбеден со мерка притвор поради опасност од бегство и можноста да го повтори делото.
Македонија
Сончево време со мала облачност и ветер
Времето во Македонија денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и дневни температури од 3 до 10 Целзиусови степени. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието засилен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен повремен засилен ветер од северен правец.
Утре времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и дневни температури од 3 до 11 степени. Ќе дува засилен до силен ветер од северен правец (над 60 km/h).

