Македонија
(Видео) Костовски: Мицкоски е антиевропски политичар

„Стана кристално јасно дека Мицкоски е антиевропски политичар. А ДПМНЕ по својата срж не се разликува од Левицата, тоа е антиевропска партија. Мицкоски е против ЕУ, како што беше и против членството во НАТО. Ист како Груевски, кој 11 години го блокира членството во НАТО и земјата ја држеше во изолација и надвор од европските интеграции“, рече Мартин Костовски, пратеник на СДСМ.
„За лична кариера, Мицкоски сака да држи како заложник цела држава, цел народ. Скапа е цената на овие блокади на Мицкоски и ДПМНЕ, тие значат уште 11 години загубени години за целиот наш народ, за нашата држава.
Македонија нема нови децении за губење. 80 % од македонските граѓани се за членство во ЕУ, дури една четвртина од гласачите на ДПМНЕ се за членство во ЕУ. Ќе поминат 11 години, нема ништо да се смени, ниту ќе има нов договор, ниту ќе стане подобро, а ќе загубиме многу. Нам ни е потребна интеграција наместо изолација“, изјави Мартин Костовски, пратеник на СДСМ.
„Членството во ЕУ значи економски просперитет, подобар животен стандард, поголеми плати, социјална правда. Државите што се зачлениле во првите 5 години имаат од 70 до 100 % зголемување на платите на своите работници, имаат економски раст, зголемување на БДП.
Држава членка на ЕУ добива огромна финансиска помош од разни фондови, 11 пати поголема на жител од земја кандидат. Сега граѓаните на ова треба да заборават, да им пропаднат, само поради празни муабети на политичар од минатото, кој сака да ја задржи фотелја по секоја цена?
Државата тоа не го заслужува, тоа го виде 11 години и ние тоа нема да го дозволиме. Проевропскиот блок на чело со СДСМ ќе направи сè за да ја пробие блокадата.
Процесот на уставните измени во македонското Собрание само што почна. Моментно над 70 пратеници го поддржуваат, ќе продолжиме да работиме за обезбедување потребно мнозинство. Се работи за иднината на земјата, иднината на македонскиот народ, на граѓаните, иднината на децата што растат денес, дали ќе живеат во европска држава утре“, додаде Мартин Костовски, пратеник на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.