Македонија
(Видео) Коциќ: Измените на Законот за лековите овозможуваат вакцината против Ковид-19 да пристигне во државата
Пратениците во Собранието вчера ги усвоија измените и дополнувањата на Законот за лековите и медицинските средства, со што се создадени условите вакцината против коронавирусот да пристигне во државата и да почнеме со имунизацијата, изјави Ненад Коциќ, пратеник на СДСМ.
„Овие измени на Законот немаше да се случат ако ВМРО-ДПМНЕ, додека беше на власт, не го урниса здравствениот систем и принуди реномирани странски компании за лекови да се повлечат од нашиот пазар. За потсетување, во периодот меѓу 2012 и 2015 во годините на најголем режим неколку реномирани странски компании, како ‘Астра зенека’, ‘Глаксо’ и дел од ‘Новартис’, се повлекоа од нашата држава поради паралелниот узвоз на лекови и вакцини со сомнително потекло. Поради таквиот однос, трајно се наруши угледот на државата и здравствениот систем, нешто што со сите сили се обидуваме да го поправиме, да ја вратиме довербата во македонското здравство“, рече Коциќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа-Јаупај: Јакнење на координираната заштита на прекуграничните подрачја
Во рамки на Министерскиот форум за Коридор 8 во Тирана, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, се сретна со министерот за животна средина на Албанија, Софјан Јаупај.
Министерот Хоџа на средбата ја истакнал важноста од заедничка координација во заштитата на прекуграничните подрачја и во спроведувањето на европските стандарди за зачувување на биодиверзитетот и справување со климатските предизвици.
Тој нагласил дека регионалната соработка е клучна за обезбедување одржлив развој и за забрзување на европската интеграција на земјите од регионот.
„На средбата се разговараше за зајакнување на соработката меѓу двете земји во областа на заштитата на животната средина, управувањето со природните ресурси, третманот на отпадот, како и за унапредување на заедничките проекти во рамки на европската зелена агенда. Министерот Јаупај изрази подготвеност за продлабочување на институционалното партнерство и за реализација на конкретни иницијативи што ќе придонесат за подобрување на квалитетот на животната средина и животот на граѓаните во двете земји“, соопшти Министерството.
Двајцата министри се согласиле соработката да се интензивира преку размена на искуства, заеднички проекти и координација во регионални и меѓународни форуми, со цел заштита на животната средина и промоција на одржлив развој во регионот.
Македонија
„Парите за боледувања доцнат – дали Клековски манипулира дека се редовни или фондот е празен“, прашува Левица
„Изминатиот период сѐ повеќе граѓани нѐ информираат дека одреден период Фондот за здравствено осигурување не врши навремена исплата на средства кои им следуваат по основ на привремена спреченост за работа поради болест, а кои средства за многумина претставуваат единствен извор на приход во периодот додека се на боледување и им се нужно неопходни“, велат од партијата Левица.
„Пред само два месеци, од страна на Фондот информираа дека исплати од нивна страна се вршат редовно, а денес се поставува прашањето дали директорот Сашо Клековски ја манипулира јавноста за постигнатото на сметка на граѓаните кои се наоѓаат во незавидна позиција, или пак касата на Фондот не располага со доволно средства за навремено сервисирање на обврските?
Правото на надоместок за спреченост од работа поради болест е законско право и не е привилегија, туку основна социјална и работничка гаранција која треба да обезбеди сигурност на работникот во период кога е здравствено ранлив и привремено неспособен за работа, а во време кога инфлацијата расте, а Владата ги занемарува барањата за зголемување на платите, ваквото доцнење претставува дополнителен удар врз работниците и зголемен ризик по нивното здравје.
Затоа, бараме одговори од Фондот, кога ќе ги исплати работниците кои се на боледување, и дали поради неодговорно работење немаат доволно средства за редовно сервисирање на обврските кон граѓаните“, прашуваат од партијата Левица.
Македонија
Општина Битола објави Јавен повик за поддршка на лица со ретки болести
Општина Битола објавува Јавен повик за поддршка на лица со ретки болести за патни трошоци до болница надвор од Битола и нивни потреби, односно финансиска поддршка на лица со ретки болести кои што се наоѓаат во незавидна положба за надминување на истата, соопштија од Општината.
Критериумите и условите како и потребните документи кои едно лице треба да ги исполнува и достави за искористување на средства од Програма за социјална заштита на Општина Битола во делот на финансиска поддршка на лица со ретки болести се на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/lica-so-retki-bolesti/
Периодот на пријавување е отворен во текот на цела година до целосно искористување на средствата при што исплата ќе се врши два пати годишно, јули и декември, а едно лице има право на искористување на средства еднаш во текот на годината, до максимален износ од 30.000,00 денари бруто износ од лице во зависност од потребите за лекување надвор од Битола.

