Македонија
(Видео) Лабудовиќ најави 𝟤𝟦/𝟩 обезбедување во сите училишта и градинки во Центар
„Безбедноста на децата мора да биде обврска на општината, а не трошок за родителите“, порача Мирослав Лабудовиќ кандидат на ЗНАМ за градоначалник на Општина Центар. Тој најави дека дел од неговата програма е воведување 24-часовно физичко обезбедување во сите училишта и градинки на територијата на Центар.
„Не може родителите од свој џеб да плаќаат за нешто што е законска обврска на општината. Тоа е недозволиво, но во Центар стана пракса. Јас се обврзувам дека секое училиште и секоја градинка ќе има 24-часовно физичко обезбедување. Безбедноста на децата е наш највисок приоритет“, вели Лабудовиќ.
Покрај оваа мерка, најавена е и иницијатива за воведување безбедни патеки до училиштата и градинките, кои ќе бидат обележани, осветлени и целосно прилагодени за децата. Целта е да се создаде сигурна и уредена средина, во која секое дете ќе биде заштитено и во училницата, и во училишниот двор, и на патот до дома.
„Ќе изградиме систем во кој родителите ќе бидат спокојни, а децата безгрижни и среќни. Безбедно дете значи спокојно семејство, а тоа е темел за модерен и одговорен Центар“, додаде Лабудовиќ.
Новата мерка е дел од поширокиот план за поголема безбедност, ред и грижа за семејствата во Центар, и претставува конкретен пример дека со вистински политики општината може да стане поквалитетно и побезбедно место за живеење и за децата и за возрасните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Воведуваме „Центарска картичка“ со попусти за културни, спортски настани, локали и продавници
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска најави дека се воведува „Центарска картичка“ со попусти за културни и спортски настани, локали и продавници.
„Секој центарец добива еднаш годишно бесплатна карта за театарска претстава, а за секоја следна купена карта добива 20% попуст. Со картичката, овоможуваме и 20% попуст за натпреварите на нашиот најтрофеен клуб „Работнички“, како и попусти за влез на базен. На нашите центарци, на децата и возрасните им овозможуваме подобри услови и поволности“, рече Герасимовски.
Македонија
Почина Агим Јонуз
Политичкиот анлитичар, Агим Јонуз, почина во Скопје на 63 години по боледување.
Јонуз беше активен во политичкиот живот во Македонија не само како аналитичар и колумнист, туку и како поранешен советник и портпарол на поранешниот претседател на Собранието, Лупчо Јордановски и на поранешниот премиер Бучковски.
Во 2021 година Јонуз беше носител на листа на советници за Град Скопје предложен од „Твоја Партија“.
Јавноста го познаваше како чест гостин во политичките дебатни емисии на телевизиите.
Погребот на Агим Јонуз ќе се одржи утре, 26 октомври 2025 година, на гробиштата во Бутел.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ веќе има 35 градоначалници, рече Мицкоски по повлекувањето на опонентите од Могила и Македонски Брод, очекува 59
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од денешниот митинг во Неготино изрази увереност дека кандидатката од ВМРО-ДПМНЕ која има предност пред нејзиниот опонент од СДСМ, ќе биде следниот градоначалник на општината.
Мицкоски нагласи дека граѓаните јасно ја изразиле својата волја и доверба кон ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, која во првиот круг освоила 33 градоначалници, наспроти тројца од СДСМ, а во вториот круг влегла во 26 општини.
„Веќе во две општини противниците на нашите кандидати се откажаа – Македонски Брод и Могила – така што во овој момент коалицијата има 35 градоначалници и уште во 24 општини е во втор круг. Тоа се 59 потенцијални градоначалници“, рече Мицкоски, додавајќи дека тоа ќе биде историски најголем триумф на македонската политичка сцена.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие избори, имајќи мнозинство и во 58 општински совети, а го истакна и водството на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, со предност од над три спрема еден во однос на противкандидатот.
Мицкоски ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање на 2 ноември и да го заокружат бројот 9, за, како што рече, да се потврди „најголемата победа во историјата на Македонија“.

