Македонија
(Видео) Ласовска: Да се донесат јасни одлуки за работата на градинките и да се одвојат средства за чување деца во домашни услови
„Државата има обврска да го организира процес на згрижување на најмладите, односно на децата од предучилишна возраст. Граѓаните се соочуваат со огромен проблем, кој го споделуваат и со нас како пратеници, а кој се однесува токму со оваа проблематика во услови на пандемија со коронавирус.
Оттука ние како пратенички од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ бараме да интервенира најитно ресорната министерка Шахпаска, за надминување на проблемите на оваа група граѓани.
Имено, голем број родители се соочени со состојба во која не се во можност да отсуствуваат од работа, а истовремено имаат деца од претшколска возраст кои мора да бидат згрижени. Ние како пратенички од ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-ДПМНЕ како партија бараме власта и ресорната министерка да излезат со јасни прецизни и издржани одлуки за работење на детските градинки во услови на Ковид-19 и во истите да бидат вметнати препораките на УНИЦЕФ и другите релевантни фактори“, изјави Благица Ласовска, претседателка на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието.
„Жалиме што овој период од 6 месеци наназад владата на СДСМ и ДИУ не го искористи за подобрување на условите и капацитетите на детските градинки за згрижување на најмладите и истите не ги приспособи за работење во услови на пандемија, ниту просторно ниту во поглед на човечки ресурси. Во таа насока излегуваме со неколку предлог-мерки, како детските градинки да почнат со работа, а притоа да биде заштитено здравјето на децата и персоналот кој работи со нив и да им се олесни на родителите.
Прво просториите за згрижувањ деца да бидат дезинфицирани, а на вработените да им се направи нов скрининг. Додека не се заврши со постапката, сметаме дека постои сериозен ризик по здравјето на децата, вработените и родителите. Дополнително потребно е на одреден период, согласно препораките на експертите, ваквите постапки да бидат повторувани. Притоа детските градинки да бидат почесто посетувани од педијатри со што би се следела состојбата во континуитет“, додаде таа.
Според Ласовска, свесни се поради препораките на експертите се бара присуство на помал број лица во затворена просторија, па затоа бараат да се искористат и прилагодат соодветно на возраста и потребите на децата неискористените капацитети на основните и средните училишта за згрижување деца од предучилишна возраст.
„Согласно вчерашните заклучоци од Владата, само една третина од децата на претшколска возраст можат да бидат згрижени во градинките. Врз кој критериум ќе се врши селекција на деца кои ќе бидат згрижени? Централната власт, наместо да ја префрла одговорноста на локалната самоуправа, во услови на пандемија потребно е да преземе најитни мерки за обезбедување просторни капацитети со соодветни услови за постоечката ситуација.
Дополнително владата да одвои средства за субвенционирање на негување деца од претшколска возраст во домашни услови од страна на лица кои поседуваат соодветна обука, образование и лиценци, сè со цел поголем број на семејства да можат да ангажираат негувателки во своите домови, при што предност ќе имаат самохраните родители и хронично болните деца.
Со ова ќе се постигне двоен ефект, односно вработените родители нема да отсуствуваат од својата работа и на тој начин нема да трпи економијата, но од друга страна ќе се ангажираат, односно вработуваат лица за чување во домашни услови. Зошто се молчи и во врска со отворањето на приватните детски градинки? Се работи за триесетина субјекти кои се на работ на егзистенцијата, а кои со новите заклучоци на влада не се опфатени. Сметаме дека доколку постои волја од страна на ресорното министерство и Владата ваквите мерки да бидат врвен приоритет.
Доколку старо-новата влада работеше и имаше конкретен план како државата да се справи со пандемијата, немаше да дојдеме во ситуација да се решава во рок од неколку дена за вака сериозни прашања кои ги загрозуваат здравјето на најмладите и нивните семејства.
Не играјте си со здравјето на нашите деца“, додаде таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

