Македонија
(Видео) Манасиевски: Државна безбедност и стабилност е првиот стожер од стратегијата Македонија 2030
„Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ е визија за модерна, стабилна и европски ориентирана Македонија. Стратегијата која е на долг рок, поставува јасен правец и систем на управување што ја заменува импровизацијата со институционална зрелост. Нашата цел е држава што создава стабилност, економска моќ и самодоверба, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој денеска го презентира, како што кажа, првиот стожер од стратегијата Македонија 2030, а тоа е, државна безбедност и стабилност.
„Во време на сериозни геополитички промени, сајбер-напади и хибридни закани, безбедноста станува основа за секоја друга државна политика. Само држава што е модерна, отпорна и институционално заштитена може да обезбеди развој и стабилност“, рече Манасиевски.
Појасни дека стратегијата за државна безбедност и стабилност се темели на четири приоритети.
„Првиот приоритет е модерна Армија со реални НАТО стандарди. Технолошко унапредување, современи системи на командување и развој на сајбер-одбранбени единици. Армија што навистина го штити државниот интерес. Вториот приоритет е национален модел за сајбер-безбедност. Сајбер-просторот е новото боиште. Потребен е национален центар за дигитална отпорност, јасни протоколи и стандарди што ќе ги штитат институциите, банките и критичната инфраструктура. Третиот приоритет, одбрана од хибридни закани и дезинформации. Создаваме државен механизам за анализа, брза реакција и заштита на демократските процеси, без нарушување на слободата на говор, но со заштита на вистината. И четврти приоритет, модерен систем за управување со кризи. Централен команден столб, автоматизирани процедури и регионална координација за брза, професионална и предвидлива реакција“, рече Манасиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на ГП „Богородица“ е нормализиран
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ (ГП Евзони) од 21 часот е нормализиран, информира АМСМ.
Поради блокада на границата за влез и за излез во текот на целиот ден, колони возила чекаа на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

