Македонија
(Видео) Маричиќ: Владата нема да се спогоди со апликантите во Стразбур
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, одржа прес-конференција, на која го искажа ставот на Владата на Република Северна Македонија во однос на апликациите поднесени до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„На 25 септември оваа година Европскиот суд за човекови права во Стразбур на одговор до Владата на Република Северна Македонија достави две групи со вкупно девет апликации поднесени против државата. Како што е веќе познато, обвинети во случаите, кои произлегоа од незаконското следење на комуникациите, односно од случаите на поранешното СЈО, поднесоа тужби пред судот во Стразбур повикувајќи се на аболицијата што во 2016 година ја прогласи тогашниот претседател на државата, Ѓорге Иванов“, рече тој.
При доставувањето на апликациите на одговор, Владата, според стандардната процедура на судот, има рок да се произнесе по нив до 18 декември оваа година, а тоа секако се однесува на можноста за спогодбено решавање на случаите. До истиот рок во однос на можноста за спогодување треба да се произнесат и апликантите, односно оние што ја тужат државата.
„Владата ја разгледа и усвои информацијата за можноста за спогодбено решавање на деветте предмети против нашата држава, а се однесуваат на тековни кривични постапки во врска со незаконското следење на комуникациите. Владата го задолжи владиниот агент во предвидениот рок да го извести судот во Стразбур дека Владата нема да ја користи можноста за спогодување со подносителите на тужбите против државата. Проектот ‘Вистината за Македонија’ беше оној што иницира силни општествени, политички и правни промени во државата, па затоа потребно е граѓаните да имаат можност и во правна смисла на зборот да ја дознаат вистината и сите оние што евентуално сториле криминал или ги прекршиле законите да одговараат за своите дела. Државата е обврзана на граѓаните да им обезбеди правда. Ние не сакаме и нема да прејудицираме дали некој е виновен, но ќе сториме сè што е во согласност на законите, сите за кои има сомнежи дека го прекршиле законот, преку соодветна правна постапка да се докаже дали се виновни или не“, вели министерот за правда.
Дополнително, според него, процесирањето на кривичните постапки што произлегоа од незаконското следење на комуникациите, вклучително и оние што се предмет на апликациите поднесени до судот во Стразбур, станаа и еден од критериумите според кој се вреднува напредувањето на државата во процесот на европските интеграции, степенот на владеењето на правото. Имено, и во последниот извештај на Комисијата како успех се забележува продолжувањето на постапките на сега згаснатото СЈО, преку кои се утврдува одговорност за злосторствата што произлегуваат од и за незаконското прислушување. Овој континуитет на постапките го овозможи новиот Закон за Јавното обвинителство за кој гласаа две третини од пратениците во Собранието.
„Дополнително, во делот на борбата против корупцијата, клучните препораки на Комисијата се да покажеме повеќе опипливи резултати во борбата против криминалот, односно да се зголеми бројот на конечни пресуди за случаите на висока корупција, вклучително и конфискација на имот стекнат со криминал. Сакам да потсетам дека во прогрес-извештајот на истата оваа Комисија во 2016 година најмногу се споменува терминот ‘заробена држава’, а на целосното расчистување на случаите, кои подоцна произлегоа од работата на поранешното СЈО, се гледа како на процес за ослободување на државата. Помилувањата на поранешниот претседател Иванов беа дадени спротивно на домашното право и како такви беа извор на правна несигурност и директен повод за големо незадоволство кај граѓаните.
Нивното поништување, пак, беше своевидно повторно воспоставување на нарушената правна рамнотежа. Владата е должна ваквиот став да го брани и застапува пред судот во Стразбур, а преку своите аргументи да му даде можност на судот да ги оцени упатувајќи со тоа уште една силна порака дека оваа Влада не е подготвена да прогласи врвна неказнивост. Ние немаме друга алтернатива, освен да останеме конзистентни на сопствените политики и заложби за неселективна правда, што секако нема никаква врска со пресумцијата на невиност на обвинетите“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

