Македонија
(Видео) Маричиќ: Методологијата за прочистување на правосудството ќе биде одобрена до крајот на годината
На настан на Државната комисија за спречување на корупцијата, кој се одржа по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата, министерот за правда, Бојан Маричиќ, најави дека очекува Методологијата за прочистување на судството и обвинителството да биде одобрена на 28 декември од Советот за реформи во правосудството.
Во обраќањето, Маричиќ истакна дека корупцијата секаде во светот директно го загрозува јавното добро и влијае на квалитетот на јавните услуги, а особено последиците се видливи и во квалитетот на правдата во судовите и обвинителствата.
Министерот ги наведе позитивните наоди од Извештајот на Европската комисија во делот на борбата против корупцијата, но потенцираше дека, сепак, граѓаните очекуваат опипливи резултати во борбата против криминалот, односно да се зголеми бројот или досието со конечни пресуди за случаи на корупција на високо ниво, вклучително и со понатамошна конфискација на имот стекнат со криминал.
„За враќање на јавната доверба во системот на борба против корупција и криминал, многу е важно обвинителството да ги продолжи постапките со ефикасно постапување пред судовите, а судовите да ги завршат постапките со конечни пресуди, особено оние кои ги отвори СЈО и коишто повеќе години се наоѓаат во судските лавиринти“, кажа Маричиќ.
Тој истакна дека довербата во правосудството може да биде подигната единствено доколку сите нови случаи кои излегле или ќе излезат да бидат процесуирани.
„Со моето доаѓање во Министерството за правда најавив дека за неколку месеци ќе објавиме методологија според која ќе се филтрира судството и обвинителството. Изработката на оваа методологија можам да кажам дека е во завршна фаза иако пандемијата малку нè забави, но процесот е на крај, очекувам до крајот на годината таа да биде усогласена со Судскиот совет и Советот на Јавните обвинители, а исто така на 28 декември оваа година да биде одобрена од Советот за реформи во правосудството“, рече министерот.
Маричиќ истакна дека очекува конкретни насоки и временски рамки од Судскиот совет и Советот на Јавни обвинители како ќе ги прочистат своите редови и која ќе биде улогата на Државната комисија за спречување на корупција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

