Македонија
(Видео) Мизрахи до Заев: Дедо ми е тепан со палки по табаните, дека немало бугарски фашистички окупатор?
На денешната собраниска седница пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи ги посочи со фотографии од собраниската говорница, членовите на нејзиното семејство кои се однесени во логорот Треблинка во 1943 година и не се вратиле од таму, освен нејзиниот дедо, па го праша Зоран Заев дали сè уште стои на ставот дека тепањето на најзиниот дедо по табаните со палка било администрација.
„Господине Заев дали знаете кој е овој, тој е Страшо Пинџур чие тело било однесено на непозната локација, а началникот го опишал неговото мачење, па бил тепан до смрт, господине Заев ова е Мирче Ацев прогласен за државен непријател на бугарската фашистичка окупаторска власт во Македонија кој имал дури 27 година само исто како Страшо Пинџур, за него велат дека одбил да даде какви било податоци па бил тепан по табаните, знаете оние тепања со палки по табаните ‘сичко знам, сичко ќе приказвам’ и дедо ми е тепан со нив дека немало бугарски фашистички окупатор“, истакна Мизрахи.
Мизрахи му посочи на Заев за Мучето како граѓанин на Струмица кој бил убиен на струмичките улици од куршум на бугарски полицаец, нешто кое било напишано на споменикот за кој сега тој наредил со електрична брусилка да се избрише зборот бугарски од споменикот, за што Заев признал јавно.
„Дали господине Заев сè уште стоите на ставот дека Бугарија во времето на Втората светска војна била администратор на Македонија, а не фашистички окупатор оти мојата фамилија не е отепана со пенкало, дали уште стоите на ставот дека бугарските војски ги ослободувале Крива Паланка, Куманово и Скопје, свесни ли сте дека со изјавата за БГНЕС дека Петрич и Струмица зборат на ист јазик дали е бугарски или македонски сте на иста линија со негаторските политики на нашиот источен сосед со кои се негира постоењето на македонскиот јазик и негово сведување на нормата на бугарскиот јазик, па по тоа дали зборувате на македонски или на бугарски јазик и ако говорите на македонски јазик, тогаш дали петричкиот дијалект е дијалект на македонскиот јазик?“, праша пратеничката Рашела Мизрахи од собраниската говорница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

