Македонија
(Видео) Мизрахи: Оставката на Филипче е изнудена, потребна е кривична одговорност

Оставката на Венко Филипче е изнудена, потребна е кривична одговорност која ќе даде одговор за пропустите за работењето на болницaта, изјави Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, оставката на Филипче не е морална одговорност туку е изнудена. Според неа, ако Филипче чувствувал морална одговорност ќе дал оставка уште првиот ден по несреќата.
„Овој пат понудената оставка е изнудена под притисок на објективната јавност која со право бара одговори од оние кои се надлежни за хоророт и ужасната трагедија во која завршија 15 животи. Но, моралната одговорност за една таква оставка за која се уште не се знае дали ќе биде прифатена не ги дава одговорите кои ги бара јавноста, и уште повеќе не праќа порака до сите сегашни и идни функционери дека не смеат да си поигруваат со животите на нашите граѓани“, рече Мизрахи.
Според неа, потребна е кривична одговорност до која ќе се дојде преку објективна и неутрална истрага која мора да биде реализирана.
„Вистинските прашања на кои истрагата и кривичната одговорност треба да даде одговор се пиврзани со пропустите кои доведоа во болница, објект под надлежност на министерството за здравство и Владата да згаснат 15 животи. Каков бил проектот и тендерот за изградбата на болниците? Како се градени модуларните болници? Со каков материјал, зошто огнот толку брзо продрел и дали болниците имаат употребна дозвола? Зошто според сведоштвата на преживеаните во болницата немало ниту еден противпожарен апарат? Зошто роднини на болни биле во болницата и дали се работи за недостаток на медицински персонал наспроти уверувањата на Филипче и Заев во текот на целата здравствена криза дека се под контрола и дека институциите имаат сопствен капацитет во справувањето со предизвиците“, рече Мизрахи.
Одговорите на овие прашања, додаде таа, треба да ги даде објективна истрага, а таа не е можна додека оставка не си дадат Венко Филипче, Артан Груби и Зоран Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.