Македонија
(Видео) Милошоски: Македонски пасоши се делеле и на борци на ИСИС

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека македонски пасоши се делеле и на борци на ИСИС, откако стана извесно дека над 200 македонски пасоши завршиле кај криминални структури и нарко картели.
Антонијо Милошоски на прес-конференција истакна дека македонски пасош издаден од МВР во 2018-та година има и косовскиот државјанин Фитим Дема, член на радикалната терористичка група ИСИС.
Тој бил баран со потерница од приштинскиот суд за одлежување на затворска казна, но на непознат начин успеал да стигне во Македонија и од Македонија да добие македонска патна исправа со лажен идентитет.
Понатаму, како што објави Милошоски, во февруари 2019-та година на пристаништето во Валона бил уапсен Фитим Дема, косовски државјанин кој имал македонска патна исправа. Инаку во Сирија бил познат како еден од најблиските соработници член на Љавдрим Мухаџери, еден од најпознатите членови на ИСИС и на оваа терористичка организација од регионот.
„Фитим Дема бил баран за издржување на затворска казна за учество во терористичка група и учество во странска војска од страна на судот во Приштина. Во март 2018-та година им побегнал на косовските власти. И во 2018-та година исто така успеал да извади македонски пасош со лажен идентитет“, вели Милошоски.
Според тврдењата на опозицијата, откако добил македонски пасош, намерата на Дема му била со траект преку Валона да замине за Бриндизи во Италија. И тогаш благодарение на препознавањето од страна на граничната полиција на Албанија е уапсен и е констатирано дека има македонска патна исправа, за што албанските медиуми пишуваа во текот на 2019-тата година.
„Да го потсетиме министерот дека во 2018-та година кога Фитим Дема, терористот од ИСИС добива македонски пасош, министер е Оливер Спасовски за да не се збуни да не наведе друг министер во тоа време. Исто така во 2019-та година министер за внатрешни работи е Оливер Спасовски кога албанските медиуми на големо пишуваат дека е уапсен Фитим Дема, терорист од ИСИС кој што поседува македонска патна исправа“, рече Милошоски.
Тој додаде дека во нормална држава, министерот за внатрешни работи после еден ваков голем скандал ќе си поднесеше оставка. Но, во Македонија гледаме дека наместо одговорност, испаѓа дека мафијата си има своја држава и никој не поднесува одговорност. ВМРО-ДПМНЕ и денеска побара оствака од Спасовски. Давањето на македонски пасоши на лица, припадници на ИСИС како терористичка организација не само што ја загрозува безбедноста на Македонија и регионот туку ги загрозува и интересите на сите земји членки на НАТО и ЕУ. Ваквото делување, тврди Милошоски, не можело да помине без знаење на највисоките раководни структури во МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.