Македонија
(Видео) Милошоски: Mесто кредитен правобранител, добивме втор ТАТ
„Заев е познат како премиерот кој вети дека Гугл и Фејсбук чекаат на граница да инвестираат во Македонија, поминаа 4 години, а Фејсбук и Гугл се уште чекаат на граница. Затоа секое ветување за економски напредок и за инвестиции е една голема лага како што беше и оваа лага“, изјави на денешната собраниска седница пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
„Оваа влада само на денот на експозето на владата може да има добри фази за добра економија, а со секој ден од денес па натаму самите ќе бидете сведоци на економски неуспеси, а единствено нешто што ќе се зголемува нема да бидат инвестициите, туку цените, невработеноста и иселувањето од Македонија. Секоја сабота и недела во Македонија во Битола, Штип, Гостивар, Куманово, Струга, Тетово и на други места видете колку автобуси се полни со дипломирани лекари, инженери, физиотерапевти, мајстори. Државата се празни затоа што власта е неспособна на оние коишто заминуваат да им создаде фер шанса да најдат работни места, не слушнавме ниту една фабрика која е отворена во Македонија, а имаме состав на влада каде ниту еден министер не е задолжен за привлекување на странски инвестиции“, истакна Милошоски.
Тој додаде дека ова е влада која создава недоверба на граѓаните како во случајот со Евростандард банка каде и Заев и министерката имале сензитивни информации и истите ги злоупотребиле за да на крајот сфатиме дека знаеле за ризичните пласмани, а министерката и блиските си ги повлекле парите.
„По однос на коалицијата е персоналниот состав тука ги гледам Артан Груби и предложената министерка за образование Мила Царовска и ќе ве потсетам на еден случај во кој од двајцата нив беше нарече скандал. Царовска во јануари 2019 излезе со обвинување дека директорите од ДУИ во фондот за пензиско и инвалидско осигурување оштетиле 12.000 граѓани со тоа што не им ги префрлале парите на нивните сметки, и со тоа направиле злоупотреба на 18 милиони евра. Потоа имавме реплика од страна на Груби и ДУИ каде што беше посочено дека доколку постои таков скандал одговорноста е кај Царовска. Тоа значи дека кога има потреба за забава на јавноста за манипулирање и дефокусирање на граѓаните се посочуваат одредени скандали, за на крајот тие кои го обзнаниле скандалот и си ја префрлале одговорноста треба да бидат колеги во влада на која граѓаните требало да и веруваат“, вели Милошоски.
Тој вели дека слушнавме експозе во кое новиот Клинички центар е ветен по десетти пат, 2016 година, 2017 кога формираа влада, па потоа не им беше соодветна локацијата и во 2018 година ќе го градеа во Ѓорче Петров, пред изборите Заев рече дека техничката влада нема да го попречи градењето, за денес повторно да слушнеме дека ќе биде изграден Клинички кој неколку пати беше ветен дека ќе се гради.
„Македонија две години по ред е на листата на земји со хибриден режим, таа листа има 4 категории, целосна демократија, нецелосна демократија, хибриден режим и авторитарен режим. Во хибриден режим Македонија е во друштво со Мозамбик, Мали, Пакистан, Боцвана и Сенегал. Тоа е нивото на демократијата на поделбата на власта и на владеењето на законите во Република Македонија. Ниво дадено со оценка од лондонскиот Економист“, истакна тој.
Милошоски потсети дека СДСМ вети дека ќе формира институција кредитен правобранител и беше објаснето дека тој ќе ги штити граѓаните и правните лица и ќе и овозможи подобри услови и подобра сигурност пред банките по однос на камати, кредити.
„Наместо кредитен правобранител, нам ни се случи втор ТАТ. Да имаме пропаѓање на една банка со претходно знаење на министерката финансии и дотогашниот премиер дека имала ризични пласмани. И со тие кои што претходно знаеле и биле блиски до нив да си ги повлечат парите а 30.000 пензионери и можеби уште 10.000 правни лица да останат незаштитени и оштетени. Затоа сметам дека оваа влада ќе биде влада на големи економски разочарувања“, нагласи Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.
Македонија
Меџити го дочека претседателот на Албанија во Чаир
Градоначалникот, Изет Меџити, свечено го пречека во Чаир претседателот на Албанија, Бајрам Бегај кој допатува во тродневна посета на земјата.
Меџити му посака добредојде пред општината, нарекувајќи го брат.
Албанскиот претседател заедно со делегацијата ќе ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија, кадешто ќе има свечен настан.
За утре е превидено, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, да биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посета на Тетово во сабота.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Сообраќајот пред општината Чаир попладнево беше целосно блокиран. Автобусите сообраќаа по изменета рута, додека пешаците беа пренасочувани од другата страна на булеварот.
Македонија
Левица: Фирма од Косово осудена за криминал со токсичен мазут ќе го снабдува РЕК Битола
Додека граѓаните плаќаат се повисоки сметки за струја и државната ЕСМ тоне во долгови, скандалозното менаџирање со ова енергетско претпријатие под раководство на Лазо Узунчев продолжува, обвинија од Левица.
„Најновиот тендер на ЕСМ за увоз на јаглен – во вредност од 7 милиони евра – го доби контроверзна фирма од Косово со криминално минато. Имено, директорот на ЕСМ, Лазо Узунчев, склучи договор за јавна набавка со компанијата „ХИБ Петрол Груп”, чиј сопственик во 2014 година бил правосилно осуден на четири години затвор и парична казна, затоа што испорачувал мазут со околу 80% повисоко ниво на сулфур од дозволеното, што е енормно штетно за здравјето на луѓето и животната средина. Компанија која е осудена за тешки дела против здравјето на луѓето (со продажба на токсичен мазут) сега ќе треба да обезбеди 150.000 тони јаглен за РЕК Битола! Делењето тендери на фирми со криминално минато стана пракса откако ЕСМ е раководено од директорот Лазо Узунчев, кој без никаква експертиза и искуство во енергетскиот сектор беше поставен да го води ова значајно државно претпријатие – само заради личните односи со Мицкоски. Левица и претходно алармираше дека ЕСМ дели тендери на фирми кои се под истрага за криминал, како што беше договорот за јавна набавка со компанијата „Руд Коп”, која е под истрага за криминал од 3 милиони евра“, велат од партијата.
Тие додаваат дека ваквото расипничко менаџирање го зголемува долгот на ЕСМ, од што, како што велат, најмногу зависи цената на струјата која ја плаќаат домаќинствата и малите потрошувачи – а резултатот е македонските граѓани да плаќаат најскапи сметки за струја во регионот.
„Додека поранешниот директор на ЕСМ – Васко Ковачевски е во бегство токму поради криминални зделки при набавки на мазут, криминалот во ЕСМ продолжува и со кадрите поставени од Мицкоски. Левица апелира финансиската полиција сериозно да ги истражи договорите за јавни набавки и финансиските резултати кои ги остварува ова државно претпријатие кое тоне во долгови, додека дели тендери на компании осудени за криминал“, се наведува во соопштението.

