Македонија
(Видео) Митева: Битиќи ја злоупотребил својата позиција како вицепремиер, бара од компаниите да гласаат за него наведувајќи го бројот на гласачкото ливче

„Ова писмо е доказ за злоупотреба на позицијата вицепремиер и државните ресурси во политичка кампања од страна на СДС. Имено Фатмир Битиќи, коносител во ИЕ 2 на 29 април 2024 година испраќа писмо злоупотребувајќи ја својата позиција како вицепремиер, и неговата обврска да работи за компаниите и бизнис секторот“, рече Марија Митева, портпарол и кандидат за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Битиќи упатува апел и директно вели, цитирам: Го барам вашиот глас, а притоа потенцира дека го водел секторот, кој помогнал со финансиска поддршка од над 100 милиони евра.
Потенцира дека за да продолжат овие позитивни политики за поддршка на бизнисот и во иднина, цитира дел од партиската програма за изборите, во која ветува зголемување на на овие средства во износ од 180 милиони евра.
Битиќи директно во ова писмо бара лична поддршка гласајќи за СДС и за Коалицијата Европска иднина наведувајќи го и редниот број на гласачкото ливче.
Ова претставува злоупотреба на службената положба и овластување согласно член 353. Имено според овој член е наведено дека службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, ќе прибави за себе или за друг некаква корист, во овој случај тоа е политичка корист преку директно барање на поддршка за број на гласачко ливче под кое се наоѓа коалицијата од која самиот Битиќи е дел.
Битиќи извршил злоупотреба на службената положба, затоа што како вицепремиер, кој одлучувал за доделување на помошта за компаниите им се обраќа истите да го дадат гласот за него, поради помошта која им е исплатена од негова страна, како вицепремиер на владата и дека истата ќе се зголеми доколку се добие поддршката.
Дали со ваквиот чин, Битиќи создава притисок на компаниите кои добиле државна помош, и заради истата тој бара тие да гласаат за него. Ова е преседан од невидени размери, за што очекуваме не само извинување од Битиќи и СДС, туку и ДКСК да покрене случај против ова.
Времето на злоупотребите на државните позиции и условувањето на компаниите и граѓаните завршува на 8 мај. Компаниите да не се плашат, и да не подлегнуваат на притисоците на СДС и ДУИ, по 8 мај сите кои вршеле притисоци ќе се соочат со одговорност. Ова време завршува“, изјави Марија Митева, портпарол и кандидат за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.