Македонија
(Видео) Митева: СДСМ го осиромашува домашниот буџет
Неуспешните економски политики на СДСМ не може да резултираат со успех во енергетиката, тоа се гранки што се поврзани и зависни една од друга. СДСМ минатата година ја заврши со прогласување енергетска криза, а почетокот на оваа година го дочека со криза во снабдувањето со топлинска енергија, изјави на денешната прес-конференција Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа додаде дека единствена причина за ова е неспособноста на СДСМ. Од истите луѓе во економскиот и во енергетскиот сектор можеме да очекуваме исти погубни и лоши политики. Бислимоски како прв човек на РКЕ уверуваше дека нема да се покачи парното, нема да се покачи цената на гасот, дека компаниите се спремни за грејната сезона, а реалноста е сосема спротивна – парното е поскапено, цената на гасот е поскапена и компаниите работат со загуба.
Митева истакна дека додека ревносно се обидуваат да се претстават како решение на проблемите, фактите излегуваат на површина. Сѐ уште не се знае колку државата ќе ја чини кризната состојба на пазарот со топлинска енергија. Познато е само дека со 6 милиони евра од буџетот ќе се помогне БЕГ да ги покрие високите трошоци за гас.
Не се знае ниту кога точно ЕСМ ќе го преземе управувањето со БЕГ. Компанијата БЕГ, која испорачува топлина за најголем дел од корисниците на парно греење во Скопје, досега ѝ должи на централата ТЕ-ТО речиси три милиони евра за испорака на топлинска енергија. Само во првите 16 дена од месецот долгот кон ТЕ-ТО, која, освен струја, произведува и топлинска енергија, е речиси еден милион евра, изјави Митева.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат зошто Владата дозволи да се прогласи кризна состојба со снабдување топлинска енергија кога цената на гасот како енергент е ситуација што може да се предвиди? Зошто Владата на СДСМ не успеа да обезбеди гас по ниска цена, како што тоа го направија и другите земји од регионот и светот? Зошто Владата на СДСМ го претставува ова како свој успех кога цената на гасот повторно ќе се плаќа од парите на граѓаните?
Според Митева, додека просечниот граѓанин нема пари да ја помине зимата, додека високите цени во маркетите, поскапената струја за 15 %, поскапеното парно за 14 % го осиромашува домашниот буџет, СДСМ нуди парцијални решенија што долгорочно со сигурност ќе имаат негативен ефект.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

