Македонија
(Видео) Мицкоски од Вашингтон: Македонија е верен сојузник на САД, направивме многу отстапки, Европа треба да биде принципиелна наместо со двојни стандарди

Премиерот Христијан Мицкоски вчера се обрати на конференцијата „CPAC“ во Вашингтон, при што ја искористи приликата да ја запознае американската публика со историските и културните знаменитости на Македонија.
„Македонците се многу традиционални, ги сакаат своите семејства, можеби сме малку, но македонската заедница во САД е многу важен дел од американското општество. Знам дека го подржаа претседателот Трамп за време на изборите, тие се конзервативци и знам дека ќе продолжат да го поддржуваат претседателот Трамп. И тоа што би го додал, а е важно, е дека и ние бевме избрани како нова власт со огромно мнозинство пред осум месеци“, рече премиерот Христијан Мицкоски објаснувајќи го македонското општество како мултиетничко со две третини Македонци, а една третина се Албанци, Власи, Срби, Турци, и други.
„Ние имаме голема дијаспора низ светот, речиси еднаква по бројност колку што живеат во татковината“, рече Мицкоски.
Опишувајќи ја Македонија како срцето на Балканот и југоисточна порта на Европа, Мицкоски нагласи дека како таква беше актуелна на патот на мигрантите пред извесен период кон Европа.
„Ние бевме на „фронтот“ и се боревме против илегалната миграција, штитејќи ја Европа од илегалните мигранти“, рече Мицкоски и посочи дека токму тоа денес е главниот фокус и на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Премиерот Мицкоски се осврна и на стратешкото партнерство на САД и Македонија, откако беше истакнато дека нашата земја е една од земјите со најголем придонес во НАТО по глава на жител.
„Одвојуваме над 2 проценти, посветени сме и ги поддржуваме политиките на претседателот Трамп и сметаме дека 2 проценти треба да биде ниската граница, а не високата“, рече македонскиот премиер Мицкоски на собирот на американските конзервативци во Вашингтон.
Публиката со аплауз ја награди забелешката на водителката на интервјуто кога забележа дека токму премиерот Мицкоски бил единствениот на Минхенската мировна конференција којшто аплаудирал на говорот на американскиот потпретседател Венс.
„За мене тоа беше историски настан и според моето скромно мислење, може некои европски политичари ќе ми се налутат, тој негов говор беше многу инспиративен. После говорот дел од публиката го критикуваа сметајќи дека тоа на некој начин е мешање во внатрешните работи на суверени држави“, забележа Мицкоски.
„Од самиот почеток на нашата самостојност од поранешната југословенска федерација ние имавме две стратешки цели. Прво да станеме полноправна членка на НАТО и втората е да станеме полноправен член на Европската Унија. Ние станавме членка на НАТО, но пред тоа го сменивме знамето, ја сменивме нашата валута, го сменивме нашиот Устав, го сменивме нашето име, затоа што некој од нашите соседи станал член на НАТО пред нас и го злоупотреби ветото за да ги исполни билатералните барања. Ако ова не е мешање во внатрешните работи тогаш што е?“, запраша Мицкоски, којшто потенцираше дека двојните стандарди продолжуваат и денес.
„Ние не сме во можност да станеме членки на ЕУ, затоа што повторно имаме притисок да го смениме нашиот Устав. Ако Уставот не е внатрешно прашање на суверена земја, тогаш се прашувам што е? Зарем тоа е фер? Ако некој го критикува говорот, кое според моето скромно мислење беше многу инспиративен, треба да си го впери прстот во себе и да види што тој прави. Европските вредности не се билатеризација на процесот на пристапување кон Унијата“, заклучи премиерот Христијан Мицкоски на интервјуто за време на најголемиот годишен собир на американските конзервативци во Вашингтон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Реакција на СДСМ: Мицкоски манипулира, ГРЕКО констатира дека речиси ништо не е спроведено

„Скандалозна и манипулативна е изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата наводно добила „петка“ за борбата против криминалот и корупцијата. Мицкоски уште еднаш се обидува да ја изврти вистината и да ја лаже јавноста: реалноста е дека ГРЕКО, како дел од Советот на Европа, во последниот извештај јасно констатира дека Владата речиси ништо не спровела од препораките за борба со корупција и дека напредокот е недоволен“, реагира СДСМ.
„Владата не доби „петка“, туку уште 5 забелешки на адреса на институциите за неисполнетите обврски. Македонија и понатаму се смета за „глобално незадоволителна“ според мониторингот на ГРЕКО.
Аплаузот за кој зборува Мицкоски е само во неговата глава. Граѓаните гледаат како криминалот цвета, како институциите се партизираат, а корупцијата останува недопрена. Владата на Мицкоски не само што не ја бори корупцијата, туку со вакви лаги и манипулации се обидува да ја прикрие.
Да потсетиме, ГРЕКО бара итно:
донесување и примена на нови закони за финансирање на политички партии,
засилување на контролата на имотот и интересите на функционерите,
зајакнување на антикорупциските механизми во собранието, судството и извршната власт.
Ништо од ова не е завршено. Затоа лагите на Мицкоски за некаква „петка“ се навреда за сите граѓани кои бараат правда и ред.
СДСМ бара Владата веднаш да престане со манипулации, да се соочи со фактите и конечно да почне да спроведува вистински реформи, а не само да им аплаудира на сопствените неуспеси“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Битола – Граничен премин „Меџитлија” е нормализиран

Сообраќајот на патниот правец Битола – Граничен премин „Меџитлија” е нормализиран, извести АМСМ.
Од 16 часот, на регионалниот пат Р-1101 Битола – Прилеп, кај клучката за село Тополчани, поради сообраќајна незгода, сообраќајот за товарни моторни возила е во прекин, а патничките возила се пропуштаат наизменично.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Средба Мисајловски – лорд Коукер: Не поврзуваат заеднички вредности и цели – мирен и безбеден регион и силна Алијанса

Денешната работна посета на министерот за одбрана Владо Мисајловски на Обединетото Кралство беше заокружена со средбата со лорд Вернон Коукер, државен министер (министер за домот на лордовите) во Министерството за одбрана на Обединетото Кралство.
Министерот Мисајловски и лордот Коукер разменија мислења за развојот на одбранбената соработка помеѓу двете сојузнички земји, како и безбедносната состојба во регионот, Европа и светот при што беше потврдено дека одбранбените односи помеѓу двете земји почиваат на заеднички вредности и цели – мирен и безбеден регион и силна Алијанса која ќе остане гарант за безбедноста на евроатлантската област.
Една од најзначајните теми за време на средбата беше и Договорот за одбранбена соработка, кој е во финална фаза на усогласување. Обединетото Кралство останува посветено на развој на македонските одбранбени капацитети, потврди лордот Коукер – особено во однос на исполнувањето на НАТО Целите на способности, но и сајбер –одбраната, воената едукација и јазичните курсеви.
Македонската Армија и вооружените сили на Обединетото Кралство континуирано се обучуваат и развиваат заедно. Во 2023 и 2024 година македонски војници беа дел од вежбата „Cambrian Patrol“ во Велс, а припадници на британските вооружени сили во повеќе наврати учествуваа во големи меѓународни вежби реализирани на полигонот „Криволак.“ Дополнително, повеќемина македонски офицери имаат дипломирано на Кралскиот колеџ за одбранбени студии, светски позната институција посветена на развојот на идните лидери и високи офицери.
Одбранбената соработка помеѓу двете земји датира од далечната 1995 година, кога беше потпишан првиот Меморандум за разбирање.