Македонија
(Видео) Мицкоски: Јас никаде не влегов со камери и немам намера да правам пиар од сето ова
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција извести дека ги посетил пациентите повредени во пожарот во Кочани, хоспитализирани во Скопје.
На прашањето според кои протоколи е тоа дозволено и дали има последици врз здравјето на пациентите со оглед дека не му е дозволена посета ниту на семејството, тој одговори дека и вчера и денеска посетил пациенти и ги запазил сите протоколи побарани од медицинскиот персонал и од докторите.
„И во текот на вчерашниот и во текот на денешниот ден нема да видите лице, ниту да слушнете и прочитате име на пациент што јас сум го посетил. Ќе ги видите сите фотографии, ќе видите како јас сум влегол. Да, има и такви што влегуваа со камери и слично, но како што видовте и вчера и денеска, јас никаде не влегов со камери и немам намера да правам пиар од сето ова. Фотографиите се во тил, нема ниту едно лице, многу внимателно ги избиравме фотографиите за да нема ниедно лице. Не го правам тоа поради пиар, туку го правам за да излезам пред вас за да не се кријам и за да зборувам отворено за сето она со кое се соочуваме. Ако е тоа проблем, подготвен сум да сносам одговорност. Мојата задача е преку медиумите да се обратам со пораки до граѓаните и тие пораки се важни за граѓаните, тоа е мојата цел“, одговори Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

