Македонија
(Видео) Не може деканот да биде член на Извршен комитет на СДСМ, Ралев да се повлече или да се затвори Факултетот за архитектура, посочи Милошоски

Професорот Мишко Ралев го прекршува Законот за високото образование оти извршува функција декан додека истовремено е член и на Извршниот одбор на СДСМ. Ова го тврди пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски. Тој на Комисијата за надворешни работи посочи дека во ваков случај министерот за образование, Јетон Шаќири, може да донесе и одлука за затворање на високобразовната установа ако законитоста не се исправи.
„Пред два дена добив одговор од министерот за образование на мое прашање дали смее декан или продекан на факултет да биде член на политички орган на политичка партија. Одговорот на Јетон Шаќири е дека: ‘Во согласност со Законот за високото образование вршењето на должноста декан/продекан е неспојливо со вршење функција во политичка партија’. Но, како што гледаме, Мишко Ралев како декан на Факултетот за архитектура е член и на Извршниот одбор на СДСМ, орган на политичка партија. Според Статутот на СДСМ, член 33, пишува: Извршниот одбор е политичко-извршен одбор на партијата. Сметам дека со ваквото признание на министерот за образование, Мишко Ралев како декан го прекршува Законот за високото образование, каде што вршењето на функцијата декан е неспојливо со членување во орган на политичка партија“, посочи Милошоски.
Тој дополни дека ако се прекршува Законот за високото образование, министерот може привремено да ја затвори високообразовната установа – Факултетот за архитектура на Американ колеџ или да им даде рок незаконитоста да се исправи.
„Апелирам на седницата, бидејќи разговараме за верификација на високообразовни дипломи, Факултетот за архитектура и дизајн да не го прекршува Законот за високото образование и деканот да избере дали сака да биде декан на независен и автономен факултет или сака да биде член на извршен орган“, додаде тој.
Упати и апел до министерот Шаќири да постапи во согласност со законот.
„Да побара од Факултетот да постапи законито или во спротивно Министерството има право привремено или трајно да ја затвори институцијата. Сметам дека ако во регионот сакаме да се натпреваруваме во образованието, треба да не им создаваме непријатности на студентите и со ваква незаконитост да ги доведуваме во прашање нивните дипломи или кредибилноста на Факултетот, чиј декан го прекршува законот“, посочи Милошоски.
На ова реагира Лидија Тасевска од СДСМ.
„Сè е во ред со вашите истражувања и дали нешто е во согласност со законот. Гледам дека упатно сте се упатиле кон министерот за образование, но тоа не е поврзано тесно со оваа точка што ја разгледуваме. И, вчера, впрочем, беа пратеничките прашања и можевте да го актуализирате“, рече таа.
Возврати и Милошоски.
„Да, ова е пратеничко прашање на кое сум добил одговор. Мојата улога како пратеник е исполнета. Исто и на министерот за образование, кој потврдува дека деканот Мишко Ралев го прекршува Законот за високото образование“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.