Македонија
(Видео) Николовски: Коалицијата СДСМ-Беса претендира да освои најмногу мандати во 6. изборна единица
Со чесна и одговорна понуда победничката коалиција СДСМ-Беса претендира да освои најмногу мандати во 6-та изборна единица која е генерално мерило за легитимитетот пренесен од гласачите Албанци, изјави генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, по денешната средба со генералниот секретар на Беса, Арјанит Хоџа.
Тој кажа дека за очекување е дека оваа коалиција ќе победи и во сите останати 5 изборни единици.
Според Николовски, првата предизборна коалиција меѓу македонска и албанска политичка партија е логично продолжување на сите досегашни политики и заложби за напуштање на концептот на поделби по етничките кампуси за сметка на создавање цврсти темели на новата политичка платформа на СДСМ за градење „едно општество за сите“.
„Убедени сме дека оваа храброст, оваа визија на Движењето Беса ќе биде наградено од гласачите поради храброста и вербата во вистинско граѓанско обединување, нешто што за првпат се случува во историјата. Со заокружена програмска и кадровска понуда која ќе биде рефлексија на мултиетничкото општество, ќе промовираме модел на разбирање на различностите, на различните потреби, но и соработка врз принципите и вредностите на меѓусебната почит“, рече тој.
Хоџа ги повика сите, посебно Албанците заради Беса, масовно да ја поддржат нивната мултиетничка коалиција.
„Со секое наше ново среќавање сме уште посигурни дека ова е победничка коалиција и ќе даде нов квалитет во односите меѓу поголемите заедници Македонците и Албанците, како и другите етнички заедници во нашето општество“, рече тој.
Според Хоџа, никогаш порано правата на Албанците не биле позаштитени и со поголеми гаранции.
„Поставуваме нови стандарди во политичкиот плурализам, го унапредуваме нивото на демократија во нашето општество. Затоа оваа коалиција е најголема и победничка, затоа на 12 април граѓаните ќе потврдат дека ние сме на вистински пат“, рече Хоџа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

