Македонија
(Видео) Николоски од Стразбур: Бугарија не ги почитува јазичните и културните права на Македонците

„Мислам дека ова е многу важна дебата што ја имаме вечерва. Оваа дебата ќе го постави патот на Советот на Европа за периодот што следува. И затоа јас мислам, како што е јасно напишано и тука, дека солидарноста и издржливоста на европските демократии, почитувањето на човековите права, почитување на владеењето на правото – се најдобри гаранции за меѓусебниот просперитет, безбедноста и сигурна иднина“, рече Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, во својот говор во Советот на Европа.
„Треба да го реафирмираме единството за заедничките вредности на оваа организација, каде што сме членки, како и мултилатерализмот заснован на меѓународното право. Треба да поставиме напредна агенда на Советот на Европа ставајќи го интересот на народот на прво место. Европскиот суд за човекови права е еден од клучните елементи на Советот на Европа. Тоа е место каде што стотици илјади европски граѓани бараат правда. Мора да разговараме и мора да поставиме цврста агенда, која ќе создаде ефикасен механизам што ќе ги натера земјите членки да ги спроведат одлуките и пресудите на Европскиот суд за човекови права“, рече Николоски.
Тој сподели пример поврзан со Македонците и македонското национално малцинство во Бугарија.
„Во овој момент има шеснаесет пресуди или одлуки на Европскиот суд за човекови права, кои не се спроведуваат во Бугарија. Шеснаесет не се спроведуваат, не една, не две, туку шеснаесет пресуди и одлуки на Европскиот суд за човекови права не се спроведуваат! Овие пресуди, овие одлуки се поврзани со правото на самоидентификација, со правото на собирање и здружување, со правото на учество на избори, со правото на учење мајчин јазик и со правото на заштита на националниот интерес во културата. Овие одлуки се носат овде во Стразбур, Софија одбива да ги спроведе и со тоа ги лишува основните човекови права на граѓаните на Бугарија, кои се декларираат како Македонци“, рече Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.