Македонија
(Видео) Нова мотоциклистичка опрема за полицијата

Припадниците на Одделението за претходница и сообраќајно-ескортно обезбедување во МВР добија на користење нова мотоциклистичка опрема, при што првпат добиваат два вида опрема – зимска и летна – триесет комплети, информираат од МВР.
Според ресорното Министерство, станува збор за обнова по цели дванаесет години, а опремата се состои од чизми, заштитни чевли, кациги, виндјакни, подјакни, панталони, појаси, ракавици, рефлектирачки елеци, маици, чија вкупна вредност изнесува 3.988.230 денари, односно 132.931 денар за еден комплет.
На настанот присуствуваше и министерот Оливер Спасковски, кој рече дека во изминатите четири години се забележува континуитет и динамика во опремувањето на полицијата.
„Министерството за внатрешни работи од сопствени средства, од буџетот наменет за потребите на Министерството, не само што го обнови сето она што деценија и повеќе беше запоставено и недостигаше за нормално работење на полицијата, туку уште повеќе – дел по дел, плански, генерално ги подобри и нивото и стандардите на материјално-техничката и инфраструктурната опременост“, посочи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ќе ги повлече сите амандмани на Законот за државјанство

Свесни за недостигот на искрена желба за брзо решение, но и за критичниот момент во кој што се наоѓаат Македонија, граѓаните и стопанството, ќе ги повлечеме сите амандмани на Законот за државјанство сѐ со цел конечно да се изгласа петтиот пакет на мерки за помош на граѓаните и стопанството, најави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
„Дури и во вакви моменти, кога над 55 илјади граѓани останаа без работа и едвај врзуваат крај со крај, кога македонската економија е на колена и илјадници компании се затворија, Заев и СДСМ без око да им трепне покажуваат огромна неодговорност и негрижа за граѓаните и стопанството. Од друга страна, бидејќи Владата до предлагачот достави негативно мислење, а со недели Зоран Заев и други официјални лица на СДСМ даваат изјави за неприфаќање на текстот на законот кој е во процедура, ги повикуваме истиот веднаш да го стават на комисија, бидејќи нема деловнички пречки односно нема амандмани, да ја продолжат пленарната седница и да се гласа за овој закон“, рече Мицевски.
Истовремено, додаде тој, ја повикуваме коалицијата Алтернатива/Алијансата за Албанците да ги повлечат амандманите од петтиот пакет на мерки, за да можат компаниите и граѓаните да ги добијат и онака недоволните и задоцнети средства како помош за справување со последиците од ковид пандемијата.
„Неодговорното однесување на Заев и власта редно време е да престанат. Македонските граѓани и македонската економија немаат време за чекање, немаат време за игри и пазарења на Заев, ним им е потребна помош веднаш, без одлагање. На крајот, како одговорни пратеници, од оваа говорница уште еднаш апелираме до парламентарното мнозинство веднаш да се одржат и да продолжат со работа матичните комисии каде се наоѓаат законите од петтиот пакет на мерки, а потоа во текот на денот или најдоцна утре да се одржат и пленарните седници на кои би се гласало по овие точки“, рече Мицевски.
Македонија
На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 1043 пациенти

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 1043 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
Според министерството за здравство во болницата во Битола се хоспитализирани 149 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 94 пациенти.
На инфективното одделение во Тетово има 36 пациенти, во Велес се лекуваат 106 болни, а во Куманово 114 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 105 пациенти, во Прилеп 125 во ковид центарот во Гостивар 48, а во Струга 23 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 94 пациенти, во Кочани 29 во Кичево 31, Кавадарци 63, а во Гевгелија 26 лица позитивни и суспектни на коронавирусот.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1768 и има околу 300 празни болнички кревети во ковид центрите, велат од министерството за здравство.
Додаваат дека во текот на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Според ресорното министерство сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.
Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, велат од таму.
Македонија
76 нови пациенти во последните 24 часа во ковид центрите во Скопје

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 76 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 725 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, известува министерството за здравство.
Во последното деноноќие, на Интерните и хируршки клиники имало 34 приеми.
Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 17 примени пациенти а 8 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени 5 новозаразени, а 2 пациенти биле примени на Клиниката за Детски болести. На Институтот за физикална медицина се примени 6 пациенти.
Во изминатите 24 часа дома биле пуштени 62 оздравени пациенти.
Во моментов во ковид центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 315 пациенти, информира МЗ.
Во ГОБ 8 Септември има вкупно 140 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 153 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 32 пациенти. На Клиниката за детски болести има 16 деца позитивни на Ковид-19 вирусот, а на ГАК има 8 позитивни пациентки. Во Институтот за физикална медицина и рехабилитација има 58 болни.
Според надлежните, голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.
Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 65 слободни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка, посочуваат од министерството за здравство.
- Свет2 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Црна хроника2 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Економија2 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Регион1 месец
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?
- Македонија2 недели
Ѓорчев: Мојот татко е во кома откако се вакцинираше во Ниш