Македонија
(Видео) Паметното планирање може да спречи незгоди и катастрофи
Илјадници хектари шума изгореа во пожарите кои ја зафатија земјата за време на топлотниот бран ова лето кој донесе натпросечно високи температури. Штетата е голема и тешко се надоместува. Последиците од опустошените шумски предели веднаш ќе ги почувствуваме сите со првиот бран на загадување на воздухот, а ова ќе предизвика и други далекусежни еколошки и биолошки последици.
Ова не е само наше секојдневие. Големи пожари ги зафатија Грција и Турција, а поплави и свлечишта ги изненадија Германија, Австрија, Холандија и Белгија. Никој не е имун на климатските промени кои во иднина ќе стануваат се поизразени и ќе предизвикуваат сè почести катастрофи.
Последиците од несреќи најмногу се чувствуваат на локално ниво, а општините се први на удар. Затоа е потребно локалните власти да работат на овој предизвик паметно, одговорно и организирано, а намалувањето на ризиците од катастрофи треба да стане дел од секојдневната работа на институциите.
Брзата, навремена и ефикасна реакција и координација, како и претходна подготовка, организација и навремено предупредување може делумно или целосно да спречи многу загуби. Потребни се испланирани и одлучни акции од општините, државата, но и од граѓаните, кои најчесто се првите сведоци на природните катастрофи. Притоа со паметното планирање ќе може да се обезбедат безбедни и брзи услуги за граѓаните дури и во непредвидливи и ограничувачки услови.
Во плановите за раководење на општините треба да се предвидат чекори за справување со различен вид кризни сценарија и да се направи план како тие да имаат најмал можен негативен ефект врз населението и природата. Граѓаните треба да го очекуваат и да го бараат тоа од локалните власти.

Претстојните локални избори се одлична можност политичките партии во своите програми да се концентрираат и на управување со кризи, заштита и спасување како тема којашто треба биде една од основните за креирање политики за ефикасно функционирање на општините.
Институт за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје, преку проектот „Подобрен капацитет за управување со кризи на општините во Северна Македонија“, на осум општини им помага да развијат стратегии за намалување на ризици од катастрофи и непогоди. Отпорноста кон катастрофи е предуслов за одржлив развој на секоја општина.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

