Македонија
(Видео) Пендаровски: Во изминативе пет години зад моето име нема ни една афера, ни еден случај на корупција, на провизии или наместени тендери
Вечерва се одржа промотивна, граѓанска конвенција на кандидатот за претседател Стево Пендаровски. Во своето обраќање пред присутните Пендаровски истакна дека повторно ја бара довербата од граѓаните, затоа што зад неговото име нема ни една афера, ни еден случај на корупција, на провизии или наместени тендери.
„Ако ја добијам вашата доверба и во следните пет години ќе продолжам да работам за плата, а не за проценти, ќе продолжам да ги третирам сите луѓе на еднаков начин независно на кој народ му припаѓаат или за која партија гласаат, ќе продолжам да соработувам и да ги почитувам младите луѓе чиј професионален успех не се должи на партиски или фамилијарни врски, ќе продолжам да им помагам на понижените да добијат човечки третман и правда во заедницата каде што живеат и ќе продолжам да го критикувам криминалот и високата корупција на кој било во државата, вклучувајќи ги и оние кои ме поддржале и гласале за мене“, истакна Пендаровски.

На конвенцијата, покрај претседателот на Социјалдемократскиот сојуз Димитар Ковачевски и сопругата на Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска се обратија и актерката од турскиот театар Несрин Таир, писателот и активист Рамадан Рамадани и музичарот Ристо Вртев, кои дадоа поддршка за кандидатурата на Пендаровски за втор мандат.

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на конвенцијата ги повика граѓаните да го поддржат кандидатот за претседател Пендаровски во првиот круг на 24 април и да покажат дека Македонија сака лидер кој верува во европските вредности и во прогресивната иднина и, како што истакна Ковачевски на 8-ми мај да победи европска Македонија.

Сопругата на Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска на конвенцијата истакна дека и покрај одговорната функција којашто ја извршува, Пендаровски како човек не се сменил бидејќи како што рече Ѓоргиевска, вистинскиот претседател е тоа, пред сѐ, човек: оној кој е заштитник на послабите, оние со помалку можности, маргинализираните и додаде дека во изминативе пет години Пендаровски бил морална вертикала и глас на разумот и во најтешките моменти, верувајќи дека само вистината е важна, независно од рејтингот.

Актерката Таир во своето обраќање истакна дека благодарение на досегашната работа на Пендаровски, највисоки државни награди добиле нејзини колеги, актери и режисери, кои, преку беспрекорно одиграни улоги, зад себе оставиле непроценливо богатство. Таир додаде дека нејзината поддршка за Пендаровски се темели на стандардите кои ги постави, на неговата посветеност, хуманост, демократскиот дух, како и волја да не запреме со осовременување и унапредување на системските вредности на нашата земја.

Истакнувајќи дека Пендаровски е пример како изгледа скромен, храбар и пожртвуван човек, музичарот Ристо Вртев истакна дека како стручен во меѓународната безбедност, нема подобар кандидат за претседател од Стево Пендаровски.
Според писателот и активист Рамадан Рамадани Претседателот ја претставува Републиката и е симбол на заедништво на нацијата. Во оваа насока Рамадани рече дека е уверен дека мнозинството граѓани ќе го препознаат вистинскиот претседател, претседателот кој е човек и кој е наш.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

