Македонија
(Видео) Пендаровски: Рамковниот договор го издржа тестот на времето, иако е далеку од совршен

Рамковниот договор го издржа тестот на времето, иако е далеку од совршен. Ако во него бараме пропусти, тогаш, според мене, најголемата грешка беше тоа што под притисок на крајно неповолната динамика од настаните на теренот, учесниците во преговорите воопшто немаа време да се посветат на правата и статусот на помалку бројните етнички заедници и поради тоа договорот со право е квалификуван како бинационален, а, тоа сигурно не е предност во едно мултикултурно општество, рече претседателот Стево Пендаровски на конференцијата „По Охрид”, која се одржа по повод одбележувањето на 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Во хетерогена политичка заедница како нашата, додаде тој, бинационалниот не смее да биде замена за автентичниот мултинационален модел кој треба да го развиваме.
Пендаровски рече дека во изминативе 20 години во неговиот став за договорот нема промени.
„И тогаш и денес сметам дека тоа беше најдобриот можен одговор на политичкото раководство на тогашниот внатрешен безбедносен, политички и историски контекст. Солиден аргумент во прилог на оваа теза е дека и тогаш и денес, дури и неговите најголеми критичари не се во состојба да понудат одржлива алтернатива на неговата базична логика. При тоа, успехот во имплементација на договорот, кој е неспорен, не се должи на неговата беспрекорна нормативна структура или на уникатните политички решенија, затоа што неговите клучни одредници, со мали модификации, ги има во сите такви, слични документи со кои завршуваа конфликтите, не само во нашиот регион, на пример, во Договорот за мир во Северна Ирска од 1998“, рече Пендаровски.
Претседателот кажа дека за Охридскиот договор коментарите надвор од земјата биле позитивни, речиси, без исклучок, меѓутоа внатре во земјата тие биле различни.
„За жал, ставовите за договорот, и по 20 години, најчесто се поврзани со етничката припадност на граѓаните или политичарите“, рече Пендаровски.
Сепак, додаде тој, и во тие рамки, постои и една позитивна тенденција.
„Во првите неколку години по потпишувањето, мнозинството етнички Македонци го ставаа договорот во групата на најголемите безбедносни закани за државата. Нивниот став произлегуваше од стравот дека имплементацијата на Рамковниот договор ќе го трасира патот за брза дезинтеграција на земјата затоа што Македонија за Албанците, наводно, е само транзиторен ентитет. Меѓутоа, она што се случуваше во годините потоа покажа дека иако потенцијалот на договорот за засилување на кохезијата во општеството во целина, не е голем, факт е дека со секоја фаза од неговата имплементација не се зголемуваа, туку, напротив, се намалуваа внатрешните конфронтации по етнички линии. Дури и повеќе, политички и безбедносни тензии, одвреме-навреме се јавуваа поради контрадикторните интерпретации на неговите клучни одредби, а не заради имплементација на договорот. Денес, во сите анкети, Рамковниот договор или не фигурира како безбедносна закана или се наоѓа сосема долу на листата на негативни безбедносни индикатори“, рече Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.