Македонија
(Видео) Пендаровски: Ужасните слики кои доаѓаат од Авганистан не беа можни додека нашите војници беа таму
Претседателот и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, денеска присуствуваше и се обрати на централната свеченост по повод одбележувањето на 18 Август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија.
Претседателот Пендаровски со Орден за воени заслуги ja одликуваше Армијата на Република Северна Македонија за професионалноста и за посветеноста на нејзините припадници, учесници во Меѓународните безбедносни сили за помош (ИСАФ) и во мисијата „Решителна поддршка“ во Авганистан.
„Ужасните слики кои доаѓаат од таа земја последниве денови не беа можни додека нашите војници заедно со 130.000 мировници од 50 држави од светот беа таму. Затоа донесов одлука да ги одликувам со Орден за воени заслуги сите припадници на Армијата кои беа во мисијата во Авганистан во изминатите две децении. Нашите војници тоа го заслужија“, рече претседателот Пендаровски.
Тој се наврати и на почетоците кога нашите војници започнаа да се вклучуваат во овие меѓународни мисии.

„Во 2002 донесовме тешка одлука да испратиме наши војници во Авганистан, врз основа на Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, 1386. Иако бевме тукушто излезени од внатрешниот конфликт, Собранието во август 2002 со целосен консензус на сите политички субјекти, без и еден глас против ја донесе првата одлука за наше учество во меѓународната мисија ИСАФ.
Во текот на овие 19 години над 3.300 припадници на Армијата учествуваа во оваа исклучително сложена меѓународна мисија. Првата ротација ја започнавме како кандидат, а последната ја завршивме како членка на НАТО. Кога денес ја сумираме оваа мисија, јасно е дека без учество во мисијата во Авганистан немаше да станеме членка на НАТО-алијансата. Безмалку 20 години, македонските мировници му помагаа на народот на Авганистан да живее во постабилно опкружување и сето тоа без ниту една жртва од нашите мировници“, нагласи претседателот.

Пендаровски го додели и признанието Повелба на Република Северна Македонија на потполковник Егил Далтвејт, припадник на вооружените сили на Кралството Норвешка, на Центарот за странски јазици при Армијата на Република Северна Македонија и на Артилерискиот баталјон при Армијата на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

